Иновативна идеја што ги спојува технологијата, вештачката интелигенција и современото градинарство доаѓа од двајца средношколци – Андреј Јаковски од Куманово и Андреј Трендов од Струмица.
Со проектот „GrowHub“ се натпреваруваат во „Средношколец Милионер“, а сега им е потребна поддршката од граѓаните преку онлајн гласање.
Нивниот проект „GrowHub“ претставува современа, високо технолошка модуларна вертикална градина наменета за домашна употреба, која автоматски ги наводнува и осветлува растенијата, овозможувајќи одгледување свежи билки и други растенија во сопствениот дом.
Она што ја издвојува GrowHub е нејзиниот модуларен дизајн. Корисниците можат да започнат со еден кат, наменет за одгледување од 4 до 32 растенија, во зависност од нивната големина. Кога ќе се појави потреба од поголем простор, едноставно се додаваат нови катови, до максимум три, со капацитет од 12 до 96 растенија.
Градината функционира на принципот на хидропоника, односно растенијата се одгледуваат без почва, во вода збогатена со хранливи материи. Вградена пумпа автоматски ги наводнува катовите еден по еден, додека LED-осветлувањето обезбедува соодветна светлина за растенијата во текот на целата година, независно од сезоната и природната осветленост во домот.
Посебна карактеристика е интегрираниот модел на вештачка интелигенција. Резервоарот за вода се наоѓа на вага, преку која системот го следи количеството вода што го трошат растенијата секој ден и учи да ги препознава нивните вообичаени потреби.
Безбедноста е уште еден важен сегмент од дизајнот. Уредот работи на 24 волти, преку сертифициран адаптер, без присуство на мрежен напон од 230 волти во самата градина. Системот има автоматски вентили кои се затвораат при прекин на напојувањето, како и преливи на секој кат преку кои водата се враќа во резервоарот.
Дополнителна предност е тоа што GrowHub не зависи од интернет-конекција. Сите функции, одлуки и безбедносни механизми се интегрирани во контролерот на уредот, па градината продолжува нормално да ги наводнува и осветлува растенијата дури и кога нема интернет.
За користењето на сите функции не е потребна ниту дополнителна претплата, бидејќи тие се вклучени во цената на производот.
Според концептот на младите иноватори, GrowHub нуди неколку предности во однос на традиционалното одгледување растенија во саксии и дел од постојните паметни градини.
Корисниците добиваат можност да берат свежи растенија непосредно пред подготовката на храната, без зависност од сезоната, природната светлина или секојдневното рачно наводнување.
Модуларноста овозможува системот да се проширува според потребите, а со додавање повеќе катови, според нивниот концепт, се намалува и цената по растение во споредба со одредени увезени паметни градини.
Со оваа идеја Андреј Јаковски и Андреј Трендов учествуваат во натпреварот „Средношколец Милионер“,на кој средношколци од цела Македонија ги претставуваат своите иновативни бизнис-идеи. Главната награда на натпреварот е инвестиција од 1.000.000 денари за развој на победничката идеја.
Во тек е фазата на јавно онлајн гласање, преку која се избираат 60 идеи што ќе продолжат во следната фаза од натпреварот.
На Андреј и Андреј им е потребна поддршката од граѓаните за нивниот проект „GrowHub“. Сите што сакаат да ги поддржат младите иноватори можат да го направат тоа со гласање преку официјалниот линк ТУКА.
Никола Ивановски

