МКК Куманово загуби од ТФТ во последните секунди (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Кошаркарите на ТФТ стигнаа до значајна победа над МКК Куманово со 89:87, во натпревар одигран во „Т Арената“ во Скопје, кој понуди многу возбудувања, резултатски пресврти и неизвесна завршница до последните секунди.

 

 

Гостите од Куманово подобро го отворија натпреварот и по шест минути игра имаа предност од 20:12. ТФТ успеа да ја намали негативата до крајот на првата четвртина, но МКК Куманово сепак го задржа водството (26:23).

Во втората четвртина продолжи изедначената игра. Кумановци имаа резултатска предност, но домашниот состав не дозволуваше противникот да се одлепи. На паузата гостите заминаа со водство од 50:46.

 

 

Сликата на теренот се промени во третата четвртина. ТФТ влезе многу мотивирано и со серија од 13:2 за неполни пет минути направи целосен пресврт, поведувајќи со 59:52. Главен двигател на домашната екипа беше расположениот Сила, кој доби значителна поддршка од Николов. Во продолжението ТФТ стигна и до највисоки плус девет (64:55).

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Од ноќва големо поевтинување на горивата

 

 

Сепак, МКК Куманово не се предаде. Предводени од расположениот тандем Гуден – Стевановиќ, гостите постепено ја топеа предноста на ТФТ, па со помош на Крстевски успеаја да го вратат натпреварот во резултатска рамнотежа.

По 30 минути игра резултатот беше 68:68.

 

 

Последната четвртина донесе вистинска драма. Кумановци направија серија од 8:2 и за кратко време ја презедоа контролата, поведувајќи со 76:70. Гостите во еден момент имаа и убедливи 82:73, но ТФТ повторно покажа карактер и не се откажа од борбата за победа.

На неполни три минути до крајот, Вајт погоди тројка за намалување на 84:85, најавувајќи неизвесна завршница. Токму Вајт беше еден од клучните играчи во последните моменти, погодувајќи уште една тројка за израмнување на 87:87.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Денеска дожд, па температури и до 19 степени

 

 

Во последните 34 секунди следуваше вистинска драма. Стајиќ направи грешка во нападот на гостите, а ТФТ ја доби можноста да го реши натпреварот. Сила беше сигурен од линијата за слободни фрлања и ги постави конечните 89:87, носејќи голема победа за домашниот состав.

Кај ТФТ најзаслужен за победата беше Сила, кој одигра одличен натпревар и оствари дабл-дабл учинок од 27 поени и 12 скока. Вајт придонесе со 21 поен, шест скока и три асистенции, додека Николов запиша 16 поени, шест скока и три асистенции.

 

 

Во редовите на МКК Куманово блескаше Гуден со 33 поени, шест скока и две асистенции. Стевановиќ постигна 27 поени, со седум скока и една асистенција, додека Крстевски го заврши натпреварот со 10 поени, три скока и две асистенции.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен 21-годишен кумановец, нападнал обезбедување во казино

Со оваа победа ТФТ стигна до третиот триумф во шест одиграни натпревари, со што го израмни својот сезонски биланс на 3-3. Истиот учинок го има и МКК Куманово.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

КФМ / фото: Здравко Трендевски