Гутереш: Влеговме во нова ера на климатски екстреми

Сподели со своите пријатели

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денес ги повика земјите да го забрзаат намалувањето на емисиите на стакленички гасови и да ја зголемат финансиската поддршка за земјите кои се најмногу загрозени од последиците од глобалното затоплување.

По повод почетокот на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP31) во Анталија, Гутереш ги повика светските лидери да преземат порешителни мерки, предупредувајќи дека силниот климатски феномен Ел Нињо се совпаѓа со последиците од климатските промени предизвикани од човековата активност, објавува францускиот „Фигаро“.

„Влеговме во нова ера на климатски екстреми. Невидениот феномен Ел Нињо се судира со планета која е веќе прегреана од климатските промени предизвикани од човековата активност“, рече Гутереш во изјава објавена пред отворањето на конференцијата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Њу Делхи се задушува во смог, огнометите дополнително го влошија опасното загадување

Тој нагласи дека светските лидери мора да одговорат на растечките климатски предизвици со забрзување на намалувањето на емисиите на штетни гасови, праведен премин од фосилни горива и обезбедување на потребната финансиска помош за најранливите земји.

„Лидерите мора да се справат со предизвикот со побрзо намалување на емисиите, забрзување на праведниот премин од фосилните горива и обезбедување на финансиска поддршка и заштита што им е потребна на ранливите земји“, рече генералниот секретар на ОН.

Според извештајот на Светската метеоролошка организација (СМО), 2026 година би можела да биде дел од долга низа години со рекордни климатски индикатори, вклучувајќи високи глобални температури, топење на мразот и зголемување на нивото на морето.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Мерц: Подготвен сум да разговарам со Путин

Од денес до 20 ноември, Турција е домаќин на 31-та Конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP31), која се одржува во Анталија.

Конференцијата ги собира претставниците на државите, меѓународните организации и стручната јавност за да разговараат за мерките за ограничување на глобалното затоплување и прилагодување кон неговите последици.