Њу Делхи се задушува во смог, огнометите дополнително го влошија опасното загадување

Сподели со своите пријатели

Дебел слој смог го покри главниот град на Индија рано утрово, а опасно високите нивоа на загадување на воздухот беа влошени од огнометите што беа активирани во недела навечер за да се прослави хиндуистичкиот „фестивал на светлината“, Дивали.

И покрај тоа што властите ја ограничуваат употребата на огномет, жителите на Њу Делхи го прославија празникот синоќа со петарди и огномет, испуштајќи чад и фини честички во атмосферата, па индексот на квалитет на воздухот надмина 350 во неколку делови од индискиот главен град утрово, достигнувајќи ја категоријата „сериозно“ загадување, што претставува значителен ризик по здравјето, објавува АП.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Рубио во Париз: Сојузниците сакаат да знаат што планира Трамп по поразот на републиканците

Мерните станици низ градот регистрираа подеднакво алармантни мерења, додека видливоста се намали бидејќи сива магла ги покри улиците и високите згради.

Во октомври, Врховниот суд на Индија се обиде да го намали загадувањето за време на Дивали со ограничување на употребата на вообичаени пиротехнички средства, дозволувајќи под одредени услови само употреба на таканаречени „зелени огномети“ во периоди од три часа за време на празничниот викенд.

Иако овие производи испуштаат помалку штетни супстанции, тие не се сосема безопасни, бидејќи испуштаат честички и други загадувачи, дополнително влошувајќи го веќе опасниот квалитет на воздухот во градот.

Проблемот со загадувањето на воздухот во Њу Делхи станува особено сериозен кон крајот на октомври и во ноември, кога пониската температура, слабиот ветер и стагнацијата на атмосферата го спречуваат распрснувањето на загадувачите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тајван останува без војници, прифаќаат и мажи со 130 килограми и 144 сантиметри

Резултатот е густа магла што може да се задржи над главниот град на Индија и околните области со денови.

Властите во Њу Делхи воведоа низа мерки за ограничување на загадувањето, вклучувајќи ограничувања за градежни работи и употреба на дизел генератори, додека судовите побараа и ограничувања за употреба на петарди.

Сепак, тие мерки не спречија сериозно загадување да се повторува секоја година, сезонски.

Еколозите истакнуваат дека за да се спречи оваа годишна криза, потребни се долгорочни решенија, како што се префрлање на почисти извори на енергија и построга контрола на емисиите од возилата.

Швета Нарајан, експерт за јавно здравје во Глобалната алијанса за клима и здравје, ги опиша досегашните реакции на владата како „брзи“ и „привремени“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пожар во повеќекатница во Кина: Најмалку 14 лица загинаа (ВИДЕО)

„Многу мерки се преземаат само затоа што владата е под притисок или е притисната во ќош, па затоа мора да преземе нешто“, рече таа.