Синдикатите, здруженијата на станари и социјалните движења од седум европски земји се согласија да одржат истовремени протести на 20, 21 и 22 ноември, барајќи контрола на цените на становите, зголемување на платите и пензиите и запирање на растот на воените трошоци во Европа.
Договорот за заедничка мобилизација беше постигнат во вторник во Париз на состанок на претставници на организации од Португалија, Белгија, Шпанија, Франција, Грција, Италија и Велика Британија, јавува португалската агенција Луса.
Заедничката иницијатива е насочена кон борба против зголемувањето на трошоците за живот, а трите главни барања се поврзани со ограничување на цените на становите и кириите, зголемување на платите и пензиите, како и запирање на забрзаното вооружување во Европа.
Претставничката на Синдикатот на станари од Лисабон и еден од портпаролите на движењето „Акампада“, Тереза Мамеде, изјави дека на состанокот е договорено координирано дејствување во текот на три дена во неколку европски земји.
Во заедничка декларација, организациите предупредуваат на постојано растечките трошоци за живот, посочувајќи дека домувањето станува недостапно, додека цените на основните прехранбени производи и транспортот продолжуваат да растат.
Учесниците на иницијативата, исто така, предупредија против враќањето на политиката на штедење, поврзана со барањата на доверителите за јавниот долг и растот на воените трошоци, пренесува Танјуг.
Меѓу другите барања се контрола на цените на храната и енергијата, достапни и висококвалитетни јавни услуги, заштита на правото на работа, повисоко оданочување на најбогатите, како и откажување од понатамошно вооружување и употреба на фосилни горива.
Од Португалија, на состанокот учествуваа Лисабонскиот синдикат на станари, колективот „Климаксимо“ и движењето „Студенти за крај на фосилните горива“.

