ЕУ ги советува граѓаните: Подгответе залихи и торба за првите три дена од кризата!

Сподели со своите пријатели

Европската комисија презентираше нови упатства со кои ги повикува граѓаните на Европската Унија подобро да се подготват за вонредни ситуации и катастрофи.

Што подразбира подготовката за првите 72 часа?

– Залихи од храна доволни за три дена.

– Залихи од вода за основните потреби на домаќинствата.

– Основни потреби за вонредни услови.

– Подготвен ранец или торба за итна евакуација.

– План за заштита на членовите на семејството.

– Специјална подготовка за потребите на лицата со попреченост.

– Следење на официјалните предупредувања од надлежните служби.

Залихи од храна, вода и основни потреби

Ова вклучува подготовка на залихи од храна, вода и основни потреби што се доволни за преживување во првите три дена додека не пристигне организирана помош од јавните служби.

Европската комесарка за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб, ги презентираше упатствата на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Што значи поразот на Трамп за Европа и глобалните пазари?

Таа истакна дека во моменти на криза, првите часови прават клучна разлика и дека секој граѓанин мора да знае како да го заштити своето семејство и да им помогне на другите, нагласувајќи дека подготовката започнува во сопствениот дом, училиштата и локалните заедници.

План за евакуација и 72-часовни резерви

Главниот акцент на препораките е на тридневна самоодржливост.

Комисијата им советува на граѓаните да имаат основни резерви подготвени во своите домаќинства и претходно спакувана торба или ранец за итни случаи со најнеопходните работи во случај на брза евакуација, за да можат да ги задоволат основните потреби додека системот за помош не биде целосно лансиран на терен.

Покрај резервите за домаќинствата, упатствата вклучуваат уште три клучни области: воведување на кризна едукација во градинките и основните училишта преку активности соодветни на возраста и без создавање страв, потоа посебни мерки за заштита на лицата со попреченост за да не биде никој изоставен и појасна и побрза комуникација за опасноста од страна на властите до јавноста.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Лавров: ЕУ се претвора во милитаристички блок насочен против Русија и Белорусија

Од 2027 година ќе се воведе Европскиот ден на подготвеност

Комисијата, исто така, предложи воведување на официјален Европски ден на подготвеност, кој би се славел секоја година на 23 октомври, почнувајќи од 2027 година.

Тој датум беше избран бидејќи го означува воспоставувањето на Европскиот механизам за цивилна заштита во 2001 година, а неговата цел е да ги охрабри граѓаните и локалните власти редовно да вежбаат и да ја подигнат свеста за опасностите.

Предлогот е изведен и од препораките на панел од европски граѓани, во кој 150 жители од сите земји-членки на ЕУ побараа посилно вклучување на јавноста во системите за заштита и спасување.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Барселона, Мадрид и Париз омилени дестинации на европските патници во 2026 година

Стрес-тестови за службите за цивилна заштита

Покрај упатствата за граѓаните, Брисел издаде и препораки за земјите-членки за спроведување на редовни стрес-тестови и планови за континуитет на работењето.

Националните центри за цивилна заштита се должни да обезбедат непречено функционирање и координација на помошта 24 часа на ден, дури и во услови на сериозни прекини како што се прекини на електричната енергија, прекини на комуникациските мрежи или сајбер напади.

Иако новите упатства не се правно обврзувачки, тие се клучен дел од пошироката европска стратегија за зајакнување на отпорноста на кризи.

Стратегијата се базира на минатогодишниот извештај на поранешниот фински претседател Саули Нинисто, во кој се предупредува дека Европа мора да изгради култура на подготвеност во сите слоеви на општеството поради сè почестите климатски катастрофи и геополитичките закани, објавува Индекс.