Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, се залага поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан да стане нов генерален секретар на Обединетите нации (ОН), пишува The Jerusalem Post, повикувајќи се на извори од три земји.
Според извештајот, американски официјални лица контактирале со Орбан и се распрашале за неговиот интерес за оваа позиција. Тој наводно покажал интерес, но се уште не донел конечна одлука за неговата кандидатура.
Во Вашингтон веруваат дека Орбан би можел да ја добие поддршката од Русија и Кина, што потенцијално би го направило кандидат поддржан од три големи светски сили.
Сепак, засега нема официјални потврди дека некоја земја ветила дека ќе ја поддржи неговата кандидатура.
Орбан како кандидат близок до политиката на Трамп
Американските власти, наводно, го гледаат Орбан како идеален кандидат за конзервативното движење МАГА, особено поради неговото противење на масовната миграција и либералните невладини организации.
За време на неговата политичка кариера, тој често се судри со Европската унија, а истовремено развиваше блиски односи со Кина и Русија.
Неговата кандидатура, сепак, може да предизвика поделби поради контроверзите околу неговата политика во Унгарија и неговиот однос со рускиот претседател Владимир Путин.
Советот за безбедност на ОН има клучна улога во изборот на генералниот секретар, во кој право на вето имаат пет постојани членки, па затоа ставовите на Велика Британија и Франција ќе бидат особено важни.
Меѓу потенцијалните кандидати е и дипломатот од Обединетите Арапски Емирати Лана Нусеибех, чија кандидатура, според извештајот, добива на сила.
Мандатот на актуелниот генерален секретар на ОН Антонио Гутереш завршува на 31 декември.
Засега нема официјална најава за кандидатурата на Орбан, ниту потврда дека САД, Русија и Кина заеднички ќе го поддржат.

