Шведскиот производител на патнички автомобили Волво објави планови за намалување на 2.500 работни места, претежно во Шведска, откако објави загуба во третиот квартал поради неповолни надворешни фактори.
Компанијата соопшти дека сака да ги намали индиректните и варијабилните трошоци за дополнителни 500 милиони долари.
„Овие мерки ќе доведат до структурно намалување на бројот на работни места за приближно 2.500 низ целиот свет, од кои 2.000 се наоѓаат во Шведска“, се вели во соопштението.
Целиот финансиски ефект од воведените мерки ќе се реализира до крајот на следната година, што ќе доведе до намалување на вкупните индиректни расходи за приближно 25 проценти во споредба со 2024 година.
„Продолжуваме да работиме во многу тешка средина со силни надворешни предизвици: деглобализација, хиперконкуренција и климатски промени“, рече извршниот директор на компанијата, Хакан Самуелсон, пренесува Срна.
Според презентираниот финансиски извештај, кварталната продажба на „Волво“ во Кина покажа најголем пад, за дури 43 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Во Канада, падот беше 13 проценти, во САД и Германија за девет проценти, а во Шведска за еден процент.
Кварталната продажба во Турција се зголеми за 35 проценти, во Холандија за 15 проценти, во Шпанија за седум проценти, во Велика Британија за шест проценти и во Белгија за пет проценти.
„Волво“ е шведски производител на автомобили, основан во 1927 година, а денес е во сопственост на кинескиот „Џили“.
На крајот на минатата година, компанијата вработувала вкупно 42.600 луѓе.

