Нови камери и заштитни огради на депонијата „Краста“, Димитриевски најави и осветлување

Сподели со своите пријатели

На депонијата „Краста“ во Куманово поставени се нови камери за видеонадзор и заштитни огради, а во наредниот период се планира поставување дополнителни заштитни капии и осветлување.

Мерките се преземаат по повеќемесечните проблеми со пожарите и чадот од депонијата, кои предизвикаа реакции и протести на жителите од околните населени места.

 

 

– Со овие активности преземаме конкретни чекори за поголема безбедност, спречување на несакани појави и неовластени влезови, како и за поефикасна контрола и заштита на просторот, објави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

 

 

Тој најави дека активностите за подобрување на безбедноста и контролата на депонијата ќе продолжат и во следниот период, со поставување дополнителни капии и осветлување.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски ги повика граѓаните со свои идеи да учествуваат во креирањето на буџетот за 2027 година

 

 

Проблемот со „Краста“ повторно се актуализираше во октомври, кога жителите на селата Пчиња, Студена Бара, Вакв и околните населени места ја блокираа депонијата поради пожарите и чадот, за кои тврдеа дека траат со месеци.

 

 

Со блокадата беше оневозможено депонирањето на комуналниот отпад од Куманово, а жителите побараа итно гаснење на пожарот, мерки за намалување на загадувањето и трајно решение за проблемот.

 

 

По неколкудневните протести, жителите ја прекинаа блокадата откако започнаа активности за затрупување на отпадот и санација на депонијата со тешка механизација.

 

Никола Ивановски