Основните училишта од Општина Липково учествуваа на турнир во мал фудбал организиран од Отсекот за превенција при СВР Куманово, во рамки на активностите за промоција на спортот, фер-плејот и превенцијата од насилство.
Турнирот беше поддржан од градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, кој ги поздрави учесниците, го отвори спортскиот настан и им посака успешна и фер игра.

Домаќин на турнирот беше директорот на Основното училиште „Дитурија“ од селото Липково, Газменд Ганиу.
На натпреварувањето учествуваа екипи од сите основни училишта на подрачјето на Општина Липково, предводени од своите наставници по физичко образование, кои беа ментори на тимовите.

Првото место го освои Основното училиште „Фаик Коница“ од селото Слупчане, второто место му припадна на училиштето „Дитурија“ од Липково, додека третото место го освои Основното училиште „Култура“ од селото Матејче.
Началничката на Отсекот за превенција при СВР Куманово, м-р Лиле Младеновска, упати благодарност до градоначалникот Еркан Арифи за несебичната помош и поддршка во реализацијата на превентивните проекти во Општина Липково. Таа информираше дека во соработка со кабинетот на градоначалникот се подготвуваат и нови активности за следниот месец.

Младеновска изрази благодарност и до домаќинот на турнирот, училиштето „Дитурија“, како и до сите наставници и ментори кои придонеле настанот да помине во позитивна спортска атмосфера, со почитување на правилата и принципите на фер-плејот.
Таа посочи дека ваквата соработка претставува успех за сите учесници, бидејќи овозможува заедничко дружење, поврзување и создавање позитивни примери за младите.

Преку ваквите активности, Отсекот за превенција при СВР Куманово продолжува да ја поттикнува спортската култура кај младите и да промовира вредности како што се меѓусебната почит, толеранцијата и ненасилното решавање на конфликтите.










Никола Ивановски

