Медицинска опрема вредна 108 милиони денари пристигнува во Општата болница Куманово

Сподели со своите пријатели

Општа болница Куманово во наредните три месеци треба да добие медицинска опрема во вредност од 108 милиони денари, односно приближно 1,8 милиони евра.

Инвестицијата опфаќа современи апарати за повеќе одделенија, а според директорот Сашо Стошевски, вакво вложување во болницата не се памети во последните 30 години.

– Благодарение на Владата на Република Македонија, на Министерството за здравство и на Фондот за здравствено осигурување, во болницата во наредните три месеци треба да стигне медицинска опрема во вредност од 108 милиони денари, односно околу милион и 800 илјади евра“, изјави Стошевски.

Стошевски информираше дека тендерските постапки се завршени и започнува реализацијата на набавките.

Меѓу опремата што треба да пристигне се ехоапарати за офталмологија, интерно одделение, педијатрија, гинекологија, неонатологија и неврологија, како и уште еден рендген-апарат, централен мониторинг-систем за интерното одделение, перфузори и друга медицинска апаратура.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Едногодишно дете од Куманово затруено со детергент

Паралелно со набавката на опремата, лекарите ќе поминат низ едукација за нејзино користење, со цел новите апарати да бидат ставени во функција и да се овозможи унапредување на здравствените услуги за пациентите.

– Се надеваме дека ќе ни бидат од корист, пред сè, за нашите пациенти. Напоредно со тоа, стручниот медицински кадар, односно лекарите, ги праќаме на едукација за работа со истата апаратура“, рече директорот, изразувајќи очекување дека од почетокот на следната година болницата ќе располага со потребната опрема за да обезбеди поголем број здравствени услуги.

Покрај инвестицијата во медицинската опрема, во Општата болница се очекува и дополнително зајакнување на медицинскиот кадар.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Стефан Фундиќ нов крилен центар на МКК Куманово

Стошевски најави поддршка за вработување на уште 20 специјализанти. Во моментот е во тек и оглас за вработување на осум лица за средно медицински персонал.

Директорот посочи дека со постојните лекарски тимови болницата е речиси целосно кадровски покриена, а со новите специјализанти се очекува дополнително зајакнување на кадарот во различните медицински области.

Сепак, недостигот од анестезиолози останува предизвик. Болницата во моментов има пет специјализанти по анестезија, од кои двајца се очекува да го завршат специјализирањето до крајот на годината, а останатите тројца за околу две години.

Дотогаш, потребите ќе се покриваат преку договори со други здравствени установи, чии анестезиолози доаѓаат на дежурства од Скопје во Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во Куманово започна јубилејното издание на џез фестивалот во чест на Филип Стевановски

Според Стошевски, со ваквиот начин на работа ќе се обезбедува континуитет во услугите за пациентите додека не се надмине кадровскиот недостиг.

Од Општата болница најавуваат и потреба од дополнителни вработувања на среден медицински персонал, како и на помошно-технички кадар.

Стошевски информираше дека претходниот оглас за среден медицински персонал и двајца лекари е успешно завршен, а во наредниот период се очекуваат нови можности за вработување.

Тој ги повика заинтересираните граѓани од Куманово, особено медицинските сестри, медицинските техничари и болничарите, да се пријавуваат на јавните огласи кога ќе бидат објавени.

Како што посочи директорот, во последниот период сè потешко се доаѓа до квалитетен медицински персонал, поради што покрај вложувањата во опремата, обезбедувањето стручен кадар останува еден од приоритетите на болницата.

 Никола Ивановски