Српскиот кошаркар Стефан Фундиќ е новото засилување на МКК Куманово. Станува збор за центар и крилен центар со меѓународно искуство, кој во досегашната кариера настапувал во неколку европски клубови.
Фундиќ е роден на 30 јуни 1994 година во Белград, висок е 200 сантиметри и тежи 105 килограми.
Во текот на кариерата бил дел од екипите на Беовук 72, Вршац, Мега Бемакс, Задар, Игокеа, Гисен 46ерс и Младост Земун, а од 2025 година настапувал за Борац Чачак.
Новиот кошаркар на кумановци зад себе има и освоени трофеи. Со Игокеа во 2022 година ја освои шампионската титула во Босна и Херцеговина, како и Купот на оваа земја во 2021 и 2022 година. Во 2020 година, со Задар триумфираше во Купот на Хрватска.
Со ангажманот на Фундиќ, МКК Куманово добива играч на внатрешните позиции со искуство од регионалните и европските натпреварувања.
Очекувањата се тој да придонесе за играта на тимот во претстојниот период, а ќе го замени Американецот Џордан Сешн, кој не ги оправда очекувањата на управата и публиката.
Никола Ивановски

