Во Куманово започна јубилејното издание на џез фестивалот во чест на Филип Стевановски

Сподели со своите пријатели

Во чест на трагично починатиот музички уметник Филип Стевановски, во Занаетчискиот дом во Куманово синоќа започна традиционалниот џез фестивал, кој годинава одбележува десет години постоење.

Првата фестивалска вечер, ја одбележаа настапите на музичките групи BRAMHA и NAKED, со што беше отворена тридневната музичка програма посветена на џезот, уметноста и сеќавањето на Стевановски.

Програмата продолжува и денеска, 14 октомври, со настапите на „Пијан славеј“ и „Мемфис мафија“.

 

 

Завршната вечер, на 15 октомври, ќе се одржи под мотото „Последниот тон не е крај“, со настапи на DIATIC и MAK BRAS. Во рамки на вечерта ќе бидат доделени и благодарници на поддржувачите на манифестацијата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Изложба на слики „Од самрак до зори“ на Далибор Јовановски во Куманово

Публиката ќе има можност да проследи и филмски приказ во три дела, посветен на десетгодишното патување на фестивалот, кој низ годините се изгради во препознатлива џез-манифестација со своја програма и музички квалитет.

 

 

Јубилејното издание има и хуманитарен карактер. Средствата собрани во рамки на манифестацијата се наменети за семејствата на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Десет години музика, емоции и спомени се обединуваат во манифестацијата посветена на Филип Стевановски, со цел да се зачува споменот за неговото музичко творештво и да се продолжи традицијата што ги поврзува уметниците и публиката.

 

 

Стевановски загина во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а беше дел од бендот на дуото ДНК која кобната ноќ имаше настап.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ТК Тумба од Куманово за првпат шампион на Македонија до 16 години

Организатор на фестивалот е ИНОКС – Институт за наука, уметност, култура и спорт.

Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам во областа на музиката и музичко-сценската дејност, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Никола Ивановски