На иницијатива на советниците од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, започнаа инспекциските надзори на активните градилишта на територијата на Општина Центар, порачаа денеска на прес конференција од партијата.
Прес конференцијата ви ја пренесуваме интегрално:
„Како што ветивме, така и постапивме. По наше барање, Советот на Општина Центар ги задолжи градоначалникот и надлежните служби да извршат контрола на сите активни градилишта, со цел да се утврди дали се почитуваат законските прописи и мерките за безбедност.
Инспекциските надзори веќе започнаа, што потврдува дека институциите можат и мораат да постапуваат кога постои јасна иницијатива и барање за одговорност.
Но, за Движењето ЗНАМ ова не смее да биде само еднократна активност, ниту неколку контроли за пред камерите.
Нашата иницијатива предвидува систематска проверка на сите активни градилишта, утврдување и јавно објавување на констатираните неправилности, преземање соодветни мерки и воспоставување континуиран инспекциски надзор.
Бараме извештаите од извршените контроли да бидат јавно достапни, за граѓаните да имаат целосен увид во состојбите и постапувањето на надлежните служби.
Ќе следиме дали градоначалникот и надлежните служби на Општина Центар ќе ја спроведат иницијативата во целост.
Институциите не смеат да реагираат дури откако ќе се појави проблем или ќе се случи несреќа.
Нивна обврска е навремено да ги препознаваат и спречуваат ризиците.
Со безбедноста на граѓаните нема компромис.
Жителите на Центар заслужуваат институции што работат одговорно, постапуваат навреме и ја извршуваат својата должност секој ден, а не само кога некој ќе ги потсети на нивните обврски“, стои во соопштението.

