Израелската армија рано утрово соопшти дека убила лице кое се обидело да нападне воен пункт во јужна Сирија под израелска окупација.
„Припадниците на ИДФ идентификуваа осомничен кој пред кратко време се обидел да влезе во воен пункт на ИДФ во безбедносната зона во јужна Сирија“, се вели во соопштението на израелската армија.
„По брзата идентификација, војниците отвориле оган врз осомничениот и го убиле“, соопшти израелската армија, додавајќи дека ниту еден од нејзините војници не е повреден.
Израел изврши стотици напади врз Сирија откако новата влада го собори поранешниот претседател Башар ал-Асад.
Израелската војска, исто така, изврши упади во јужниот дел на земјата и ги распореди своите сили во тампон-зоната под мониторинг на Обединетите нации, која ги одделува израелските и сириските сили во Голанската Висорамнина.
Израелските претставници постојано повторуваат дека имаат намера да ги задржат своите војници во безбедносната зона, каде што Израел се стреми да воспостави поширока демилитаризирана зона.

