Пациент физички нападнал медицински техничар во кумановската болница

Сподели со своите пријатели

Триесет и деветгодишен медицински техничар од кумановската Општа болница вчера бил физички нападнат од пациент на своето работно место.

– На 04.10.2026 во 15:17 часот во СВР Куманово, Ф.Ј.(39) од Куманово, вработен како техничар на едно одделение во Општа болница Куманово, пријави дека додека извршувал работни задачи бил физички нападнат од едно лице, информираат од Секторот за внатрешни работи.

Како што појаснуваат од Општа болница Куманово, техничарот бил нападнат од пациент кој дошол на преврска без упат, без здравствена книшка и без документ за лична идентификација.

– По укажувањето од страна на техничарот дека најпрвин треба да се пријави на шалтер за да се евидентира во дневникот, пациентот физички го нападнал техничарот. Настанот е уредно пријавен во МВР. Најостро ги осудуваме нападите врз вработениот медицински персонал и бараме итно разрешување на случајот и санкција за сторителот, изјави Сашо Стошевски, директор на Општа болница Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  29-годишник од Куманово возел со над три промили алкохол

Како што додаваат од полицијата, се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Никола Ивановски