Финскиот претседател Александар Стуб денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп се повеќе се фокусира на мировните напори во Украина.
Стуб во интервју за телевизијата Блумберг рече дека посетите на претставниците на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, како и директорот на ЦИА Џон Ретклиф на Москва и Киев, покажуваат дека Трамп им дава простор да се вклучат во преговорите, што, според него, укажува дека американскиот претседател би можел да преземе позначајна улога во мировните преговори.
„Се очекува делумен прекин на огнот со доаѓањето на зимата“, рече Стуб, нагласувајќи дека таквиот договор ќе мора да биде меѓусебно обврзувачки.
Според неговиот предлог, доколку Украина ги запре нападите врз руските нафтени постројки, Русија не треба да ја напаѓа енергетската инфраструктура и електроенергетскиот систем на Украина.
Трамп ја повика Украина да ги запре нападите врз руските нафтени постројки, додека францускиот претседател Емануел Макрон рече дека со Трамп разговарал за можен мораториум на нападите на енергетските постројки длабоко на територијата на противниците, и Русија и Украина, пренесува Танјуг.

