ЕУ ја услови Украина со напредок во реформите: Киев побара 90 милијарди евра

Сподели со своите пријатели

Претставници на Европската унија и порачаа на Украина дека очекуваат напредок во донесувањето закони кои имаат за цел да ја потиснат сивата економија, да ги зголемат даночните приходи и да се усогласат со правото на ЕУ пред да одобрат дополнителна буџетска помош за Киев, објави Блумберг.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера во седиштето на Обединетите нации во Њујорк се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а извор запознаен со разговорите ја опиша средбата како „напната“.

Украина побара помош од своите сојузници за покривање на неочекуваниот буџетски дефицит од околу 26 милијарди евра и ја повика ЕУ да ја забрза исплатата на заемот од 90 милијарди евра.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Путин станува непромислен, опасен, сè повеќе подготвен да ризикува, тврди висок функционер на НАТО

ЕУ, сепак, изрази резервираност за одредени украински проценки и посочи дека дополнителни средства треба да се обезбедат од други партнери, вклучувајќи ги Канада, Норвешка и Јапонија.

„Ќе следи дополнителна поддршка во сферата на одбраната. А како што ќе напредуваат реформите во Рада, ќе пристигне и дополнителна буџетска поддршка“, напиша Фон дер Лајен на платформата X по состанокот, наведувајќи дека Украина има на располагање уште 37 милијарди евра за оваа календарска година.

Украинската страна изрази загриженост поради можноста од руска ескалација во текот на зимата и ограничениот капацитет за воздушна одбрана за заштита на градовите.

Таа, исто така, изрази незадоволство од одлуката на ЕУ да ги укине санкциите против двајца руски олигарси како дел од договорот за продолжување на санкциите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Зеленски предупредува: Русија подготвува нов масовен напад врз Украина

Зеленски рече дека украинскиот и европскиот тим повторно ќе се сретнат за седум до 10 дена за да разговараат за финансирањето и изрази надеж дека ќе се најде решение.

По состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски рече дека е подготвен за енергетско примирје со Русија како прв чекор кон завршување на војната, под услов Москва да престане со нападите врз украинската инфраструктура.

Тој изјави дека побарал од Трамп тој став да и го пренесе на Русија и да го вклучи кинескиот претседател Си Џинпинг во разговорите.

Зеленски побара од Трамп и „зимски пакет“ ракети за противвоздушниот систем „Патриот“, како и дозволи за нивно производство во Украина.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Путин станува непромислен, опасен, сè повеќе подготвен да ризикува, тврди висок функционер на НАТО

Тој рече дека има глобален недостиг од овие пресретнувачи и дека Киев, покрај САД, ќе се сврти и кон партнери на Блискиот Исток.

Зеленски изјави дека се сретнал со претставници на компанијата „Рејтеон“, во рамките на „РТХ Корп“, кои, според него, се подготвени да и дадат лиценци на Украина за производство на пресретнувачи.

Сепак, процени дека производствените капацитети можеби нема да бидат подготвени за работа најмалку уште една година.

Тој посочи дека се обидува да ги убеди сојузниците да ги предадат своите залихи на пресретнувачи, со ветување дека Украина ќе ги обештети откако следната година ќе почне да работи заедничката фабрика со Германија, јави Танјуг.