Четири лица загинаа, а најмалку шест се водат како исчезнати откако тајфунот Духуан донесе рекордни врнежи од дожд во источна Јапонија, предизвикувајќи лизгање на земјиштето, поплави и големи прекини во сообраќајот, соопштија локалните власти.
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за лизгање на земјиштето на високо ниво за делови од островот Изу, вклучувајќи ја и Ошима, а полицијата, пожарникарите и спасувачите спроведуваат операции за пребарување во префектурите Чиба и Канагава, каде што се предизвикани повеќе лизгања на земјиштето во близина на населените места, објавува „Јапан тајмс“.
Метеоролошката агенција предупреди дека лизгањето на земјиштето може да се случи дури и откако ќе престане дождот поради водата акумулирана во земјата и ги повика жителите на регионот Канто да останат во состојба на висока готовност за лизгање на земјиштето и поплави.
Тајфунот остави околу 48.320 домаќинства во четири префектури без електрична енергија, според податоците од Токиската електрична мрежа, додека железничките оператори ги суспендираа или откажаа некои услуги од првите заминувања на возовите денес.
Тајфунот предизвика високи бранови и силни ветрови по должината на пацифичкиот брег на источна и североисточна Јапонија, а за денес се прогнозираат бранови до пет метри во регионите Канто и Тохоку.

