Напорите за контрола на еболата во источниот дел на Конго почнуваат да даваат резултати, но епидемијата е сè уште огромна и ќе бидат потребни месеци за да се стави под контрола, изјавија денес претставници на Обединетите нации.
„Сè уште е смртоносна и огромна епидемија. Има некои случувања, но сепак, во други области сè уште гледаме зголемување на бројот на случаи“, изјави Жулиен Харнис, специјален координатор на ОН за ебола, на прес-конференција во Женева, според Ројтерс.
Кога беше прашан за извештаите дека епидемијата достигнала пресвртна точка, Оливие Ле Пулен од Светската здравствена организација рече дека е прерано да се каже со сигурност дека врвот е поминат.
Бројот на потврдени случаи на ебола во Демократска Република Конго, според најновите податоци, се зголеми на повеќе од 7.000, вклучувајќи речиси 3.400 смртни случаи од болеста, пренесува Танјуг.

