Латвија забрани руски книги и весници: „Се штитиме од пропаганда“

Сподели со своите пријатели

Латвија го забрани увозот на книги, весници и други печатени материјали од Русија и Белорусија, оправдувајќи ја одлуката со заштита на националната безбедност, потиснување на руската пропаганда и понатамошно намалување на економските врски со Москва и Минск.

Забраната, која стапи на сила на 1 септември, опфаќа и голем број други производи, вклучувајќи облека, обувки, играчки, игри и спортска опрема.

Како што пишува Euronews, Латвија со тоа стана првата европска земја што воведе толку широка национална забрана за увоз на руски производи за широка потрошувачка.

Мерката важи и за стоки со потекло од Русија и Белорусија кои се увезуваат во Латвија преку трети земји.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Објавени тајни досиеја за 11 септември. Десетици илјади луѓе заболеле од рак по нападот!

Латвиското Министерство за надворешни работи наведува дека целта на мерката е да се заштитат безбедносните интереси на земјата, да се намалат приходите што Русија и Белорусија ги остваруваат од извозот и да се ограничи влезот на руски пропагандни материјали во Латвија.

„Забраната за увоз има за цел да ги заштити безбедносните интереси на Латвија и понатамошно да ги намали економските врски со Русија и Белорусија, кои продолжуваат да водат или да ја поддржуваат агресивната војна против Украина“, објави министерството.

Владата, исто така, ја објаснува одлуката со потребата од зајакнување на отпорноста на општеството и намалување на ранливоста на информацискиот простор.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Норвешка го погребува кралот. Зеленски, принцот Вилијам и бројни светски лидери на погребот

Според Министерството за надворешни работи, книгите, весниците и другите печатени материјали останале меѓу најголемите категории на стоки за широка потрошувачка што сè уште се увезуваат од Русија.

Вкупниот увоз од Русија и Белорусија се намалил за околу 91 процент од почетокот на руската инвазија на Украина, според латвиското министерство.

Латвија, членка на Европската Унија и НАТО што се граничи и со Русија и со Белорусија, силно ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија.

Во исто време, Рига предупредува дека е изложена на различни форми на руска хибридна активност, вклучувајќи сајбер напади и кампањи за дезинформации.

Одлуката за забрана на увозот е дел од поширока политика на постепено прекинување на преостанатите економски врски со Русија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Голем штрајк во Нов Зеланд, државните службеници бараат повисоки плати

Уште во јули, Парламентот во Латвија одобри измени во законот што го отвори патот за забрана на голем број руски и белоруски производи кои претходно не беа опфатени со санкциите на Европската Унија или други трговски ограничувања.

Властите веќе презедоа други мерки за ограничување на руското влијание во јавниот и информацискиот простор.

Тоа е чувствително прашање во земја со рускојазична заедница.

Имено, според официјалните податоци објавени од „Еуроњуз“, приближно една четвртина од населението се изјаснува како етнички Руси.