Куманово деновиве е во знакот на тенисот, со два значајни турнири кои ги собраа младите тениски надежи од земјава и странство.
На Отвореното првенство на Македонија за јуниори и јуниорки до 16 години, кое се одржа од 5 до 7 септември, настапија 40 натпреварувачи во двете конкуренции, а домашните тенисери остварија забележителни резултати.
Во женска конкуренција победничкиот пехар го освои Ведрана Таневска од ТК Охрид, додека второто место ѝ припадна на Мартина Караџиќ од ТК Тумба – Куманово.
На турнирот успешно настапи и младата кумановска тенисерка Дарија Георгиевска.
Кај јуниорите, во кумановското дерби, Алексеј Стојановски беше поуспешен од клупскиот колега Марин Стефановски, со што го освои победничкиот пехар. И двајцата се членови на ТК Тумба, од чии редови доаѓа и полуфиналистот Стефан Дебрешлиевски.

Тенискиот ритам во Куманово продолжи веднаш со уште еден значаен настан.
Од 7 септември започна првото издание на меѓународниот турнир Tennis Europe – Тумба Куманово Опен 2026, во организација на ТК Тумба.
На турнирот настапуваат околу 50 млади тенисери од 10 европски земји, но и натпреварувачи од Австралија и САД.
Турнирот ќе трае до 12 септември и претставува значајна можност за младите тениски таленти да одиграат квалитетни меѓународни мечеви и да стекнат искуство неопходно за нивниот понатамошен развој.
Натпреварите се играат секој ден од 09:00 часот, во текот на целиот ден, а од ТК Тумба ги повикуваат љубителите на спортот да ги посетат тениските терени и да им дадат поддршка на кумановските претставници.
Куманово со овие два турнира уште еднаш го потврдува потенцијалот за развој на младинскиот тенис и создавање услови домашните надежи да се натпреваруваат со своите врсници од земјава и од странство.
Никола Ивановски

