Владата ги намалува цените на училишниот прибор до 15 проценти

Сподели со своите пријатели

Владата донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор, со цел да им се помогне на семејствата да ги намалат трошоците пред почетокот на новата учебна година.

Според одлуката, која ќе важи од денот на објавувањето во „Службен весник“ до 30 септември 2026 година, трговците на големо се задолжуваат да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 проценти, додека кај трговците на мало намалувањето треба да изнесува најмалку 15 проценти.

„Со почетокот на новата учебна година, една од нашите цели е да им помогнеме на семејствата да ги намалат трошоците и да го заштитиме животниот стандард на граѓаните“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Серафимовски и Димитриевски разговараa за развојните приоритети и координацијата меѓу институциите

Мерката опфаќа широк спектар производи потребни за подготовка на учениците за учебната година, меѓу кои ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи, пенкала, боици, пластелин, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои, четки, линијари, дидактички материјали, острилки, гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка.

Од Владата посочуваат дека со одлуката е предвидена и обврска за транспарентно прикажување на намалените цени.

Трговците, покрај новата цена, ќе треба да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година, која ќе се користи како базична за утврдување на намалувањето.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поради сообраќајка затворен патот Крива Паланка - Куманово

„Нашата цел е јасна, родителите да можат да го обезбедат потребниот училишен прибор за своите деца по пониски цени, со јасно прикажана базична, но и намалена цена и со правила кои важат подеднакво за сите трговци“, рече Митева.

Мерката, според Владата, има за цел директно да им помогне на семејствата во период кога се зголемени трошоците за подготовка на децата за почетокот на учебната година и да се намали притисокот врз семејниот буџет.