Со настапи на познати музички интерпретатори и тамбурашки оркестри од земјава и странство, вчеравечер на градскиот плоштад во Куманово се одржа 22. издание на традиционалниот Меѓународен тамбурашки фестивал.

Манифестацијата, која се одржа со поддршка на Општина Куманово и Фондацијата за култура и спорт Куманово, беше отворена со пригодно обраќање на градоначалникот Максим Димитриевски.

Тој го истакна значењето на фестивалот, кој со децении е дел од културниот живот на градот и претставува негов препознатлив заштитен знак.

Пред бројната публика настапија музички интерпретатори и тамбурашки оркестри од Македонија и странство, меѓу кои „Ла Банда“, Нина Стругар, ГТО „Плевља“, Т.О. „Табиет“, Наум Петрески, Нино Величковски, Виктор Димитриевски и Боби Амадеус.

Пред почетокот на музичката програма, градоначалникот Димитриевски, заедно со претставници од општинската администрација, организираше прием за гостите учесници од Србија и Црна Гора, како и за домашните изведувачи.

По завршувањето на настапите, на учесниците и покровителите на овогодишното издание им беа доделени благодарници, во знак на признание за нивното учество, посветеност и поддршка во реализацијата на фестивалот.

Со тоа, Куманово го заокружи уште едно издание на фестивалот кој низ годините прерасна во традиционална музичка манифестација и место за среќавање на тамбурашката музика и нејзините љубители од регионот.










Никола Ивановски

