Најмалку едно лице е убиено, а шест се ранети во рускиот напад врз Запорожје, објави утрово шефот на регионалната воена администрација, Иван Федоров, пренесува Укринформ, додавајќи дека од синоќа руските трупи нападнале два округа во регионот Дњепропетровск повеќе од десет пати со беспилотни летала и артилерија.
Според Федоров, зградите во центарот на Запорожје биле оштетени, а некои биле и зафатени од пожар.
Федоров објави на Телеграм дека станбените згради биле исто така мета на беспилотни летала.
Регионалните власти на Дњепропетровск објавија дека руските сили, исто така, оштетиле згради во областа, и немало повредени.
Регионот Дњепропетровск бил исто така мета на руските сили на 18 август, повеќе од 50 пати, користејќи беспилотни летала, артилерија и воздушни бомби.
Генералштабот на украинската армија истовремено тврди дека руските вооружени сили изгубиле околу 1.200 војници во изминатите 24 часа и дека се уништени три повеќекратни ракетни системи.
Руските медиуми, од друга страна, ја истакнуваат веста дека нивните сили напредуваат во Донецк, во областа околу Добропоље.
Руските оператори на беспилотни летала ја презедоа контролата врз логистиката на украинскиот гарнизон околу Добропоље, изјавија руските безбедносни агенции за ТАСС.
Тие забележаа дека украинските вооружени сили имаат тешкотии во снабдувањето на групата.

