Романија гради четири воени бродови за Црното Море

Сподели со своите пријатели

Романија планира да изгради четири нови воени бродови со цел да ги зајакне своите воени капацитети и безбедност во Црното Море, изјави вршителот на должноста романски министер за одбрана Раду Мируца, пренесува РИА Новости.

Според него, властите во Букурешт имаат намера дополнително да ја зајакнат поморската компонента на вооружените сили, со порака дека Црното Море не смее да стане ранлива точка за Романија, Европската унија и НАТО.

„Министерството разви проект во кој ќе бидат изградени четири нови бродови за романската армија во бродоградилиштето Мангалија, користејќи нови технологии“, рече Мируца.

Клучна улога во реализацијата на проектот треба да има германскиот одбранбен концерн „Рајнметал“. Како што објасни в.д. министерот за одбрана, изградбата на четири воени бродови е поврзана и со други делови од планираниот договор за набавка на оружје и воена опрема од германска компанија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МЕТА НА СУД: Ако изгуби, Инстаграм и Фејсбук би можеле радикално да се променат

Мируца изјави дека преостанатите сегменти од тој аранжман не можат да се завршат без спроведување на програмата за изградба на нови бродови, што ќе му овозможи на бродоградилиштето во Мангалија да одигра значајна улога во поширокиот процес на модернизација на романските вооружени сили.

Планот доаѓа во време кога Букурешт се обидува да најде ново решение за бродоградилиштето Мангалија, кое претходно беше пуштено на продажба поради финансиски проблеми и долг од 196 милиони евра.

Покрај Rheinmetall, интерес за овој комплекс покажа и големиот меѓународен бродски оператор MSC.

Според плановите на романските власти, во иднина капацитетите на бродоградилиштето во Мангалија треба да се користат и за воена и за цивилна бродоградба, додека изградбата на нови воени бродови е дел од пошироките напори на Букурешт да го зајакне своето присуство и одбранбените капацитети на Црното Море.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Иран тврди дека постигнал договор со Оман за транзит на бродови низ Ормутскиот Теснец