Големиот музички концерт под слоганот „Силно светнал денот“ вечерва од 20:30 часот ќе се одржи на градскиот плоштад во Куманово, а познати се и музичките имиња кои ќе настапат пред кумановската публика.
Според најавите на организаторот, на сцената вечерва ќе настапат Игор Џамбазов, Драгана Левенска, Бранислав Николов, Вера Милошевска, Сара Мејс, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Полина Тасева, Дарио, Спасен Силјановски, Бојан Стојков, Миле Кузмановски, Дорис Димовска, Игор и Ана Дурловски, Ана Петановска, Димитар Андоновски, Дарко Гроздановски, Лина Пејовска, Андријана Петрушевска, Марија Спасовска и Мина Блажев.
Концертот е дел од музичкиот караван „Силно светнал ден“, кој во пресрет на 8 Септември – Денот на независноста, патува низ повеќе градови во државата.
Караванот започна на 9 август во Охрид, каде настапија над 120 уметници, а потоа продолжи во Битола и Велес. По Куманово, музичкиот караван ќе продолжи и во други градови низ Македонија.
„Силно светнал ден“ е голем музичко-сценски спектакл посветен на македонската музика, со кој се одбележуваат 35 години од независноста на државата.
Кумановци вечерва од 20:30 часот ќе имаат можност на едно место да проследат настапи на голем број познати македонски музички имиња и да бидат дел од концертната програма на караванот.
Никола Ивановски

