Пет стари и напуштени куќи и околу седум хектари сува трева изгореа во пожар кој вчера избувнал во кумановското село Косматац.
– На 13.08.2026 во СВР Куманово е пријавено дека околу 16:00 часот во с.Косматац, кумановско, настанал пожар во кој била опожарена сува трева на површина од околу седум хектари, како и пет стари куќи во кои не живее никој, информираат од Секторот за внатрешни работи.
Во пожарот, како што додаваат од полицијата, нема повредени лица.
Како што информираат од Регионалниот центар за Управување со кризи, тројца пожарникари го гаснеле пожарот во период од 16:25 до 20:40 часот.
Четворица пожарникари интервенирале и во селото Слупчане во Липково каде оган зафатил плевна и стара куќа.
Интервенцијата траела во период од 18:50 часот до 21:45 со две противпожарни возила.
Никола Ивановски

