Борбени авиони вклучени во мисијата за заштита на воздушниот простор на НАТО рано утрово соборија дрон што влезе во воздушниот простор на Латвија, членка на НАТО и Европската Унија.
Латвиските вооружени сили соопштија дека леталото е соборено откако влегло во нивниот воздушен простор.
По инцидентот, тревогата поради опасност од воздух, која претходно беше прогласена во областите долж границата со Русија, е укината.
Во исто време, како мерка на претпазливост, Финска привремено го ограничи воздушниот и морскиот сообраќај во делови од источниот Фински Залив.
Финските вооружени сили изјавија дека мерката е воведена поради можноста за појава на дронови.
Латвиските власти досега не објавија детали за соборениот авион или од каде доаѓа.
Земјите што граничат со Русија и Украина се соочуваат со зголемен број инциденти поврзани со дронови во последните години.
Воздушните напади и пукањата со дронови станаа почести по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Во текот на ноќта, Русија, исто така, пријави напади со дронови. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, објави дека над тој регион се соборени 15 дронови.
Ленинградската област се наоѓа во близина на Финска и Естонија, а на нејзина територија се наоѓа Санкт Петербург, втор по големина град во Русија и важен економски и извозен центар.
Северните членки на НАТО што граничат со Русија неодамна ја засилија заштитата на клучната инфраструктура, вклучувајќи брани, електрани и постројки за природен гас.
Ваквите мерки покажуваат колку се загрижени земјите на источното крило на НАТО за можни нови инциденти и обиди за дестабилизација.
Засега не е познато кој го испратил дронот што беше соборен над Латвија, а истрагата за инцидентот е во тек, пишува Ројтерс.

