Нов шумски пожар избувна во департманот Ланд во југозападна Франција, каде што синоќа изгореа околу 600 хектари, додека околу 500 луѓе беа евакуирани бидејќи пожарот се приближуваше кон населени места.
Пожарот избувна во шумата Ланд де Гаскони, а ветерот го отежнува неговото гаснење, објави Фигаро.
Околу полноќ, пламените јазици беа само на неколку стотици метри од Луглон, место на околу 60 километри југоисточно од Бискарос.
„Развојот на пожарот е сè уште доста неизвесен, бидејќи пожарот се шири многу, а ветерот постојано ја менува насоката“, рече службеникот Жил Клавреј.
Тој додаде дека пожарот се проширил многу брзо во текот на попладневните часови, развивајќи сопствена енергија и создавајќи локални временски услови што дополнително ја комплицираат интервенцијата.
Причината за пожарот сè уште не е позната. Новиот пожар избувна неколку недели откако пожарот во Бискарос уништи околу 3.700 хектари, додека во соседниот департман Жиронд, еден од најголемите пожари во поновата француска историја зафати повеќе од 40.000 хектари.
Франција продолжува да биде погодена од топлотен бран. За денес се прогнозираат температури од 35 до 38 степени Целзиусови, локално до 40, додека ноќите ќе останат многу топли во многу делови од земјата, со температури помеѓу 20 и 26 степени.
Локално силни грмотевици се очекуваат на југоистокот од земјата во попладневните и вечерните часови, со обилни краткотрајни врнежи, силни налети на ветер и ризик од ненадејни поплави, особено во планинските области и Алпите.

