Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нема намера да ја откаже посетата на Њујорк во септември, и покрај повторените повици од градоначалникот на градот, Зохран Мамдани, за негово апсење.
Во интервју објавено денес за Фокс њуз, Нетанјаху, кој вчера го посети Вашингтон, рече дека ќе присуствува на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во септември.
„Одам во Њујорк. Ќе ја кажам вистината пред тој избран функционер кој сее омраза и поттикнува една група њујорчани против други. Тој ги врти против њујоршките Евреи“, изјави Нетанјаху за Фокс њуз по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп.
Мамдани долго го критикуваше Нетанјаху за, како што тврди, злосторствата извршени од израелските сили во воените операции во Газа и Либан, а неодамна го нарече „воен злосторник“ и „мозокот на ужасниот геноцид врз палестинскиот народ“.
Признавајќи дека властите на Њујорк немаат законско овластување да го уапсат Нетанјаху по налог на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Мамдани ги повика федералните власти да го сторат тоа.
„Дали сме во 1930-тите? Што е ова? Толку многу омраза, толку многу лаги“, изјави Нетанјаху за Фокс њуз.
Тој, исто така, го критикуваше МКС, кој го нарече „корумпирана и зла организација“ и праша зошто судот го нарече воен злосторник, а не палестинската милитантна група Хамас.
Нетанјаху предупреди дека МКС може да го класифицира и претседателот Трамп, или дури и американските војници, како воени злосторници.
Во интервјуто, израелскиот премиер зборуваше и за вчерашната средба со Трамп, опишувајќи ја како „една од најдобрите средби“ што некогаш ги имал со американскиот претседател.
„Секогаш мразам да ги разочарам нашите таканаречени критичари кои се обидуваат да најдат пукнатини во нашиот сојуз. А она што го наоѓаат, како денес, е гранитен ѕид“, рече Нетанјаху.
Тој исто така изјави дека Израел не сака „фанатичниот режим во Техеран да се здобие со нуклеарно оружје кое би го загрозило секој американски и светски мир, како и постоењето на Израел“.
„Значи, имаме заедничка цел и таа ќе се постигне, или преку дипломатски средства или на други начини“, рече Нетанјаху, според Танјуг.

