Латвија ги отстранува патоказите кон Русија и Белорусија: „Веќе не се потребни“

Сподели со своите пријатели

Латвија планира да ги отстрани или промени сообраќајните знаци што покажуваат дестинации во Русија и Белорусија, изјави министерот за транспорт Рихардс Козловскис, наведувајќи дека ваквите знаци повеќе не се потребни.

Козловскис рече дека Министерството за транспорт подготвило информативен извештај за можните промени уште во февруари, во кој е предвидено сообраќајните знаци со имиња на руски и белоруски места да се променат до 30 септември оваа година.

„Пред неколку недели го потсетивме кабинетот на новиот премиер за овој извештај“, рече Козловскис, објавува латвискиот портал Делфи.

Тој додаде дека документот е веќе подготвен и дека зависи од кабинетот на премиерот кога ќе се најде на дневен ред на владина седница.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ноќни напади низ Украина. Руска бомба урна куќа и уби маж

„Секако, има трошоци, но ние сме подготвени за тоа. Во овој момент не гледам потреба од посебни препораки во таа насока. Не е задолжително. Можеби во далечна иднина“, рече Козловскис, објавува Танјуг.

Според извештајот, планирано е подобрување на системот на сообраќајни знаци, со одржување на сегашното ниво на финансирање и постепено воведување на различни решенија, од делумни промени и замена на поединечни знаци до подобро означување на насоките со користење на броеви на патиштата и европски знаци.

Според податоците на државната компанија „Патишта на Латвија“, на државните патишта се евидентирани вкупно 235 сообраќајни знаци и информативни знаци на кои се споменуваат имињата на населените места во Русија и Белорусија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Огнената стихија не стивнува: Макрон свика кризен штаб, евакуирани се 220.000 луѓе

Планирано е прво да се заменат дотраените знаци или оние што можат да се променат како дел од редовното одржување и патните работи. Проценетите трошоци се околу 120.000 евра.

Министерството за транспорт изјави дека поевтините решенија, како што е покривање на одредени имиња на постојните знаци, би можеле да предизвикаат технички проблеми и да влијаат на видливоста на знаците, особено ноќе, поради што сметаат дека е потребно да се најде единствено и долгорочно решение.