Претседателот на САД, Доналд Трамп, ѝ рече на Саудиска Арабија дека нормализацијата на односите со Израел е услов за цивилен нуклеарен договор меѓу богатата со нафта блискоисточна земја и САД.
Американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, и неговиот саудиски колега, принцот Абдулазиз бин Салман, неодамна потпишаа договор за развој на првите комерцијални нуклеарни реактори во Саудиска Арабија. Документот наскоро ќе биде испратен во Конгресот на разгледување.
Трамп работи на нуклеарниот договор со Саудијците уште од својот прв претседателски мандат.
Поранешниот претседател Џо Бајден, исто така, се обиде да постигне договор и да го поврзе со Аврамовите договори, дипломатските договори од 2020 година за нормализирање на односите меѓу Израел, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко.
Саудиска Арабија не се согласи со споменатите договори, но во својата објава на социјалните мрежи, Трамп го постави токму тој услов и го повтори во соопштение од Овалната соба.
„За да го сторат тоа, тие мора да бидат членки на Аврамовите договори“, им рече Трамп на новинарите.
Американскиот претседател рече дека не разговарал за ова со министерот за енергетика пред да го потпише договорот за развој на комерцијални нуклеарни реактори.
„Но, тоа беше имплицирано, и Крис знаеше, и Саудиска Арабија знаеше“, рече Трамп.
Саудиска Арабија сè уште не одговорила на барањето на Трамп, но е убеден дека на крајот ќе има договор.
„Во одреден момент, тие ќе се приклучат. И ќе ја имплементираат својата цивилна, повторувам, цивилна нуклеарна енергија“, истакна американскиот претседател.
Договорот меѓу САД и Саудиска Арабија се смета за многу корисен за компанијата „Вестингхаус Електрик“, во ко-сопственост на канадските компании „Камеко“ и „Брукфилд Асет Менаџмент“.

