Министерството за одбрана на САД се соочува со сериозни финансиски предизвици поради високите трошоци за војната во Иран, а дел од буџетските средства би можеле да бидат исцрпени во наредните недели, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на сегашни и поранешни американски функционери.
Поради постојано зголемените трошоци, Пентагон е принуден да ја преиспита распределбата на средствата за воени активности.
Според весникот, недостатокот на пари веќе влијае на воените вежби, обуката и одржувањето на воената опрема, што предизвикува загриженост за можна пониска борбена готовност на американските сили.
По смртта на четворица американски војници и продолжувањето на конфликтот, Белата куќа бара од Конгресот дополнителни 67 милијарди долари за финансирање на воените операции, но политичките поделби го забавуваат усвојувањето на тоа барање.
За да обезбеди средства за итни потреби на терен, Пентагон побара пренамена на 4,3 милијарди долари од средствата наменети за обука на војници и купување нова воена опрема.
Иако администрацијата тврди дека трошоците за војната досега изнесувале околу 30 милијарди долари, некои аналитичари веруваат дека вистинските трошоци се значително повисоки бидејќи проценките не ја вклучуваат штетата врз американските воени бази на Блискиот Исток.
Дополнителна загриженост кај врвот на американската војска предизвикуваат наводите за намалени залихи на прецизно оружје.
Иако министерот за одбрана Пит Хегсет уверува дека американските вооружени сили сè уште имаат доволни количини современо оружје, некои официјални лица предупредуваат дека продолжениот конфликт би можел дополнително да ги оптовари воените ресурси.
Војната во Иран, која започна кон крајот на февруари со очекувања дека ќе биде краткотрајна, продолжува, додека затворањето на Ормутскиот теснец продолжува да создава последици за глобалната економија и енергетската безбедност.
Во исто време, незадоволството на американската јавност расте, според анкета спроведена од Вашингтон пост и Ипсос, 68 проценти од граѓаните се противат на продолжувањето на војната, додека 28 проценти од испитаниците ја поддржуваат.

