Кризниот штаб во Куманово останува во готовност, над 100 пријави од граѓаните

Сподели со своите пријатели

Повеќе од 100 пријави од граѓани се евидентирани по силното невреме што го зафати Куманово и околината, при што околу 70 проценти од нив се однесуваат на барања за интервенција, а останатите на пријавување материјална штета.

Ова беше соопштено по седницата на Кризниот штаб на Општина Куманово, на која беа разгледани последиците од невремето и беа донесени мерки за понатамошно справување со состојбата.

„Во моментов имаме сознанија дека има над 100 повици од страна на граѓаните. Околу 70 проценти од тие повици се за интервенции, додека останатите се за пријавување штета. Општина Куманово одамна има формирано Комисија за проценка на штети, така што граѓаните своите барања можат да ги достават во архивата, по што комисијата ќе излезе на терен и ќе ја утврди материјалната штета“, изјави секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец тешко повреден по пад од зграда, пренесен на скопските клиники

 

 

Таа информираше дека екипите на ЈП „Чистота и зеленило“, Територијалната противпожарна единица, Дирекцијата за заштита и спасување, ЕВН и останатите надлежни институции интервенирале во текот на вчерашниот ден, ноќта и утринските часови со цел што побрзо да се расчистат последиците од невремето.

„Благодарение на екипите на ‘Чистота’, Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување брзо се интервенираше на терен. Екипите на ЕВН цела ноќ работеа на отстранување на дефектите и продолжуваат и денеска со цел повторно да се обезбеди електрична енергија во градот, приградските населби и селата“, рече Јаневска.

Според неа, Кумановската болница функционира непречено, откако биле отстранети паднатите дрвја во дворот и било нормализирано снабдувањето со електрична енергија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Делови од Куманово без струја над 18 часа, селата веќе два дена

Кризниот штаб донел одлука да остане во готовност и да се состанува по потреба, со оглед на најавите за ново невреме во наредните денови.

Истовремено, поради недостиг на работна сила во ЈП „Чистота и зеленило“, ќе биде побарана помош од ЈП „Водовод“, кое ќе се вклучи со механизација и човечки ресурси во расчистувањето на теренот.

Според податоците од СВР Куманово, досега се регистрирани 25 интервенции, од кои 18 се однесуваат на паднати дрвја врз автомобили.

Од ЕВН сè уште не е познат конечниот број на оштетувања на електродистрибутивната мрежа, бидејќи увидите се во тек.

Граѓаните кои имаат потреба да пријават штета или да побараат помош за санирање на последиците од невремето можат да се обратат до Општинскиот штаб за заштита и спасување на телефон 078/365-061, за итни интервенции на ТППЕ Куманово на бројот 193, како и кај овластеното лице од Општина Куманово, Даниел Спиридонов, на 071/338-034.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  УХМР: Ветер со јачина на ураган ја погоди вчера Македонија

На седницата било одлучено и Општина Куманово да испрати помош за Општина Гостивар, која се соочува со проблеми во водоснабдувањето. За набавка на вода за пиење се издвоени 242.000 денари.

Никола Ивановски