Американската инвестициска компанија „БлекРок“ оствари зголемување на нето добивката од 20 проценти во вториот квартал, додека вредноста на средствата што ги управува за прв пат надмина 15 трилиони долари (околу 13,1 трилиони евра).
Таквиот резултат е постигнат благодарение на силниот раст на пазарот на капитал и големиот прилив на средства во фондовите што се тргуваат на берзата, објавува „Ројтерс“.
Најголемиот светски менаџер на средства објави дека средствата под управување на крајот на јуни достигнаа рекордни 15,34 трилиони долари (околу 13,1 трилони евра), додека нето приливот на средства на клиентите изнесуваше 192 милијарди долари (околу 164 милијарди евра).
Поголемиот дел од новите инвестиции се насочени кон фондови на акции и обврзници ETF од семејството iShares.
Прилагодената заработка по акција изнесуваше 13,91 долари, над очекувањата на аналитичарите од 12,59 долари, додека оперативната маржа се зголеми на 45,9 проценти, што е највисоко ниво за речиси пет години.
По објавувањето на резултатите, акциите на БелкРок пораснаа за повеќе од седум проценти во претпазарното тргување.
Во исто време, компанијата продолжи да го проширува својот бизнис во сегментот на приватните пазари, по аквизициите на Global Infrastructure Partners, HPS Investment Partners и Preqin, во кои инвестираше вкупно околу 28 милијарди долари (околу 24 милијарди евра).
Во вториот квартал, приватниот кредит привлече шест милијарди долари нови инвестиции, додека инфраструктурните фондови инвестираа 5,2 милијарди долари.
Извршниот директор на БлекРок, Лари Финк, изјави дека компанијата продолжува да бележи силен раст благодарение на поволните пазарни услови и растечкиот интерес на инвеститорите за производите на ETF и приватните пазари, со цел да се соберат 400 милијарди долари нови приватни средства до 2030 година.

