Во тек е изградба на атмосферска и оптичка канализација на „Моша Пијаде“

Сподели со своите пријатели

Продолжуваат градежните активности за целосна реконструкција на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово.

Градоначалникот Максим Димитриевски информира дека во моментов се работи на изградба на атмосферска канализација на дел од улицата, како и на поставување подземна оптичка канализација за потребите на кабелските оператори.

 

 

Реконструкцијата се реализира во повеќе фази, а претходно од Општина Куманово информираа дека проектот опфаќа целосна обнова на сообраќајницата, вклучително и отстранување на постојната асфалтна конструкција и ивичниците, по целата ширина и речиси по целата должина на улицата.

Во изминатиот период асфалтната подлога беше отстранета на потегот од „Пијано Престиж“ до крајот на улицата „Моша Пијаде“, каде што беше извршена и замена на канализациската мрежа, а потоа започна поставувањето на рабници за тротоарите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен 59-годишен кумановец, ја нападнал неговата сопруга

 

 

Во наредната фаза истиот процес продолжува и на делот од улицата кој води кон центарот на градот.

Поради изведувањето на градежните работи, и понатаму се очекува отежнат сообраќај и ограничен пристап за возила.

 

 

Од Општина Куманово апелираат граѓаните да не ги паркираат своите возила во непосредна близина на местата каде што активно се работи, со цел непречено и безбедно одвивање на реконструкцијата.

Проектот за изградба на атмосферска канализација и реконструкција на улицата „Моша Пијаде“ се реализира со средства обезбедени од Светската банка преку Министерството за транспорт на Македонија.

 

 

По завршувањето на работите, улицата треба да добие целосно нов изглед и подобра инфраструктура за сите учесници во сообраќајот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  57-годишен кумановец натепан од сограѓанин

 

Никола Ивановски