Над 10.000 луѓе починаа во Западна Европа за време на топлотниот бран во јуни

Сподели со своите пријатели

Повеќе од 10.000 луѓе починаа за време на рекордниот топлотен бран што ја погоди Западна Европа на крајот на јуни, покажуваат податоците на европската мрежа за следење на смртноста ЕуроМОМО, објави Ројтерс.

Најголем дел од регистрираните смртни случаи, повеќе од 9.000, се кај лица над 65 години, според EuroMOMO, мрежа поддржана од Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Светската здравствена организација.

Податоците опфаќаат 27 европски земји и ги вклучуваат сите причини за смрт, а не само директно потврдени случаи поврзани со топлина, во текот на неделата од 22 до 28 јуни, кога топлотниот бран го достигна врвот во Франција, Шпанија, Велика Британија и други земји.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во Нигерија најмалку осум лица убиени во вооружен напад на погреб

Вкупно имало 10.650 смртни случаи повеќе од очекуваното за тој период.

„Да се ​​случи ваков вид на прекумерна смртност во овој период од годината е невообичаено. Навистина е многу висока“, изјави за Ројтерс Ласе Вестергард, главен лекар на Националниот серумски институт во Данска, кој ја координира работата на мрежата EuroMOMO.

Тој оцени дека толку големото зголемување на смртноста е тешко да се објасни со нешто друго освен со екстремни горештини.

Екстремните температури можат да бидат смртоносни бидејќи предизвикуваат топлотен удар, но и ги влошуваат постоечките кардиоваскуларни и респираторни заболувања, а меѓу најранливите групи се и постарите лица.

Научниците велат дека топлотниот бран на крајот на јуни бил „речиси невозможен“ без влијанието на климатските промени предизвикани од човековите активности, кои придонесуваат за почести и поинтензивни екстремни температури.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Невиден пожар кај Париз: Авиони и хеликоптери се борат со огнот кој стигна до куќите (ВИДЕО)

Податоците на EuroMOMO покажуваат дека во осумте недели пред топлотниот бран, комбинираната смртност во забележаните европски земји била во просек околу 500 случаи неделно пониска од нормалната.

Научниците изјавија дека не постојат други познати главни фактори, како што се поголеми епидемии на ковид19, кои би можеле да го објаснат ненадејниот скок на смртноста.

Топлотниот бран на крајот на јуни предизвика прекин на електричната енергија, затворање на училишта и рекордни температури во Франција, Шпанија и Велика Британија.

EuroMOMO не објавува податоци за вишокот на смртни случаи по одделни земји, но рече дека Франција и Белгија се единствените европски земји кои забележале „многу висок вишок“ на смртни случаи во последната недела од јуни.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Бројот на жртвите од земјотресот во Венецуела достигна 4.490

Според белгискиот институт за јавно здравје Sciensano, Белгија забележа најголем број на смртни случаи за време на кој било топлотен бран од почетокот на евиденцијата во 2000 година.

Посебна научна студија објавена во понеделникот проценува дека околу 2.700 луѓе починале како резултат на горештините во Англија и Велс за време на топлотните бранови во мај и јуни.

Според студијата, спроведена од Империал колеџ во Лондон, Британската метеоролошка служба и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, околу 42 отсто од тие смртни случаи се поврзани со дополнителното затоплување предизвикано од климатските промени.