Физиотерапевтката од Куманово Меланија Цветковска, преку видео објавено на социјалните мрежи јавно побара помош од надлежните институции, тврдејќи дека со години таа и нејзиното семејство се жртви на семејно насилство и дека не успеваат да обезбедат соодветен третман и сместување за нејзиниот татко, кој, според неа, има дијагностицирани ментални растројства и проблем со алкохол.
– Денеска се обраќам како жртва на семејно насилство и како некој што ужасно бара многу голема помош од институциите. Не барам да бидам сожалувана, не барам да читам коментари, не барам никој да ме тапка по рамо, само сакам да бидам слушната од институциите и барам помош“, вели Цветковска.
Таа наведува дека нејзиниот татко во изминатите години повеќепати бил хоспитализиран на психијатриски клиники, но дека последните обиди за негово згрижување биле неуспешни.
– Отсекогаш добиваме одговор дека нема место или дека не е доволно сериозна ситуацијата. Само ние знаеме колку е сериозна ситуацијата. Не мора да биде фатално, не мора да бидеме убиени, силувани, ранети за некаде да нè слушне“, изјави таа.
View this post on Instagram
Во своето обраќање Цветковска открива дека зад секојдневната работа со клиентите се криеле години страв и неизвесност.
– Само Господ знае колку пати ми се треселе рацете, колку пати сум плачела додека сум ги работела своите клиенти. Колку пати меѓу термините телефонот ми бил во раце за да викнам полиција. Ние сме три жени коишто живееме со човек којшто постојано ни прети дека ќе нè убие, вели таа.
Според неа, денеска повторно побарале интервенција од полицијата, но потоа цел ден го поминале обраќајќи се до различни институции без успех.
– Ако ви кажам дека цел ден сме по сите институции, дека сите нè одбиваат и дека никој не сака да го прими во ниедна психијатриска установа, дека никој не се јавува на телефон. Оваа агонија мора да престане, порача Цветковска.
Таа посочува дека во семејството живее и нејзиниот брат со церебрална парализа, кој, како што вели, исто така ги трпи последиците од состојбата.
– Имам брат со церебрална парализа којшто живее со нас и сите овие трауми ги има преживеано. Во моментов барам помош. Кажете ми како и каде да се обратам и каде една личност со такви ментални растројства, 24 часа под дејство на алкохол, којшто малтретира своја сопруга, своја мајка, своја ќерка и болно дете со церебрална парализа, да се смести во некоја психијатриска установа, вели таа.
Во видеото Цветковска наведува дека, според информациите што ги добиле, случајот не се третира како семејно насилство ниту како основ за кривична постапка бидејќи, како што вели, немало физички напад.
– Не спаѓаме под семејно насилство, не спаѓаме по кривична пријава, нема физички напад, нема место во Бардовци, нема место во Демир Хисар. Каде има место? Дајте ми помош… Не сакам да стигнеме до степен каде што ќе има жртви“, апелира Цветковска.
Таа изразува надеж дека нејзината порака ќе стигне до надлежните и дека семејството ќе добие институционална поддршка.
Од Секторот за внатрешни работи Куманово велат дека се запознаени и работат на расчистување на случајот.
– Секторот за внатрешни работи Куманово е запознаен со случајот и интензивно се работи за расчистување на истиот. По консултација со Основно јавно обвинителство и други надлежни институции ќе бидат преземени конкретни мерки против П.Ц. од Куманово, стои во соопштението..
Никола Ивановски

