Во пресрет на почетокот на официјалната програма на 36-от самит на НАТО во Анкара, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган заедно со неговата сопруга Емине Ердоган ги угости шефовите на држави и влади на членките на Алијансата и нивните сопруги на свечен прием во претседателската палата Кулије, пишува Вечерњи лист.
Пред свечената вечера, одржана зад затворени врати, домаќините лично ги пречекаа сите високи гости на влезот во палатата.
По индивидуалното фотографирање со Ердоган, следеше традиционалното заедничко фотографирање на сите учесници на самитот.
Македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова е исто така на заедничката фотографија.
Таа, ако не го забележавте веднаш, е во првиот ред, веднаш до лидерот на НАТО, Марк Руте.

Церемонијата на добредојде пред претседателската палата, исто така, привлече големо внимание.
Амбиентот го надополнија знамиња што симболизираат 16 историски турски држави, додека почесната гарда беше облечена во историски воени униформи, меѓу кои се издвојуваа војници во јаничарски униформи.
Пристигнувањето на државниците дополнително беше одбележано со настапот на единицата Мехтеран на турското Министерство за одбрана, позната по изведувањето на традиционална отоманска воена музика.
За време на нивниот настап, вниманието го привлече и американскиот претседател Доналд Трамп, кој, видливо импресиониран од настапот, им даде знак „ОК“ на музичарите.

