Кумановската градинка „Ангел Шајче“ продолжува со активностите за проширување на капацитетите за згрижување деца, а во завршна фаза е изработката на проектот за реконструкција и адаптација на објектот „Кокиче“ во центарот на градот.
Паралелно, се подготвува и проект за доградба на објектот, а во тек е и набавка на опрема за две нови сетилни соби.
Директорката на установата, Ивана Николиќ, вели дека иако со години не е изграден нов објект на градинката, установата континуирано работи на изнаоѓање начини за зголемување на капацитетите.
– Немаме години наназад изградено нов објект, меѓутоа ние не се откажуваме и секојдневно работиме на проширување и зголемување на капацитетите, изнаоѓање начин и можност за просторни услови каде што ќе ги прошириме капацитетите и ќе дојдеме до тоа да можеме да опфатиме што поголем број на деца од предучилишна возраст. Со голема поддршка на Општината и градоначалникот имаме нарачано проект кој веќе е во завршна фаза, а се однесува на реконструкција и адаптација на објектот „Кокиче“. Тоа не значи само обновување на фасадата, туку максимално искористување на сите можни простории за да можеме да примиме поголем број деца. Ќе аплицираме на повиците што ги распишува Министерството и се надеваме дека наскоро ќе добиеме одобрение, изјави Николиќ.
Таа додаде дека паралелно се изработува и проект за физичка доградба на објектот „Кокиче“ од околу 200 квадратни метри, по што ќе следува реконструкција и на градинката „Славејче“, а ќе се разгледуваат и можностите за проширување на останатите објекти на установата.
Покрај инфраструктурните зафати, во тек е и опремување на две сетилни соби наменети за работа со деца со пречки во развој.
– Двете сетилни соби се веќе изготвени, направени, само недостасува да се снабдат со потребната дидактика. Набавката е во тек и за десетина дена ќе ги добиеме сите потребни дидактички материјали кои се наменети за работа со деца со пречки во развој. Очекуваме ова да биде од голема помош за сите дечињата што ја посетуваат нашата градинка и да им овозможиме на родителите со поголема сигурност да ги оставаат своите деца, знаејќи дека се во вистински раце и дека имаат соодветни услови за престој, рече директорката.
Во моментов на листата на чекање за прием во градинката има 268 деца.
Николиќ посочува дека бројката ќе се менува бидејќи сè уште трае приемот на барања за запишување.
– Листата на чекање денеска е 268 деца. Тоа не е голема бројка ако се има предвид дека сè уште е период на поднесување барања. До 17 август, кога ќе заседава комисијата, таа бројка сигурно ќе биде многу поголема, затоа е важно родителите да знаат дека за да започне постапката за прием, најпрвин мора да биде поднесено барање за запишување на детето“, истакна Николиќ.
Осврнувајќи се на прашањата од родителите околу втора смена, таа појасни дека градинката има согласност објектот „Синоличка“ да работи до 22 часот, но дека во пракса нема доволен број деца кои остануваат во вечерните часови за да може да се организира целосна втора смена.
Никола Ивановски

