Германскиот канцелар Фридрих Мерц претстави нова реформа на трудовото законодавство, која ќе бара од вработените да поднесат лекарско уверение на првиот ден од боледувањето.
Во исто време, се укинува претходната можност за отворање боледување преку телефон.
Мерц рече дека целта на оваа мерка е да се намали големиот број отсуства од работа, за кои смета дека претставуваат сериозен товар за германската економија и ја поткопуваат нејзината конкурентност.
Зборувајќи за причините за промената, канцеларот оцени дека сегашното ниво на боледување во земјата е неприфатливо високо.
„Повеќе не можеме да прифатиме екстремно високи нивоа на боледување во нашите компании“, рече Мерк, според извештајот на Клеш.
Според него, долготрајните отсуства на вработените создаваат сериозен конкурентски хендикеп за германската економија и дополнително го оптоваруваат работењето на компаниите.
„Го укинуваме боледувањето преку телефон и воведуваме обврска за поднесување лекарско уверение од првиот ден на болеста. Знаеме дека ова е тешка одлука, но повеќе не можеме да си го дозволиме конкурентскиот застој што се јавува поради долготрајни отсуства од работа“, рече канцеларот.
Новите правила значат дека секој вработен што ќе се разболи ќе мора веднаш да оди на лекар за да добие официјално лекарско уверение, што ќе биде услов за земање боледување.
Владата во Берлин очекува оваа мерка да го намали бројот на неоправдани отсуства и да придонесе за поголема продуктивност на економијата, во време кога Германија се соочува со бавен економски раст и проблеми со конкурентноста.

