Претседателот Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски на денешната прес конференција соопшти дека ЗНАМ во Владата ќе раководи со Министерството за јавна администрација и со Министерството за земјоделие, а ќе добие и уште еден заменик министер во едно влијателно министерство.
Министеството за јавна администрација ќе продолжи да го води досегашниот министер Горан Минчев, а со Министерството за земјоделие ќе раководи Борче Серафимовски, актуелен државен секретар во Министерството и Потпретседател на ЗНАМ.
На денешната седница Извршниот одбор на партијата ги разгледа актуелните политички состојби, процесот на реконструкција на Владата и идните чекори во реализацијата на нашите програмски определби.
„Пред две години го формиравме Движењето ЗНАМ пред се со државотворна идеја, идеја која својата политичка и морална легитимност ја црпи од вредностите на АСНОМ и Илинден, од стремежот кон самостојна, достоинствена, праведна и европска Македонија.
Од самиот почеток кажавме дека политиката за нас нема да биде натпревар за функции, туку натпревар за доверба и испорачување на резултати, во интерес на граѓаните и државата“, рече Димитриевски.
„Токму затоа, кога се создадоа услови да бидеме дел од Владата, не калкулиравме. Не ги баравме најлесните ресори, ниту позициите кои носатнајмал политички ризик. Свесно ги презедовме Министерството за правда и Министерството за јавна администрација, два ресора кои со години беа симбол на застој, недовршени реформи и нарушена доверба на граѓаните во институциите.
Денес, по две години, со право можеме да кажеме дека изборот што го направивме беше исправен.
Во Министерството за јавна администрација се реализираа суштински реформи кои создаваат основа за професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација.
Додека, во Министерството за правда беше започнат најобемниот реформски циклус во последната деценија, со јасна цел, правосуден систем кој ќе биде предвидлив, ефикасен и во служба на правдата.
И ова не е само политичка оценка на ЗНАМ. Ова е и оценка што ја споделуваат и потврдуваат и нашите европски партнери. Неодамнешните пораки на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се силна потврда дека Република Македонија ги исполнува обврските од реформската агенда и дека институциите испорачуваат резултати таму каде што со години постоеше застој, во делот на реформа на јавната администрација и владеење на правото.
Во разговорите со нашиот владин партнер, ВМРО-ДПМНЕ, околу реконструкцијата на Владата, Движењето ЗНАМ не настапуваше од позиција на тоа колку ресори ќе добие, туку од позиција каде можеме да дадеме најголем придонес за државата.
Нашата програма за парламентарните избори во 2024 година не беше пишувана за една изборна кампања, туку претставуваше визија за развој на Македонија, и една од главните програмски определби беше „Македонија самоодржлива држава. Самоодржлива држава значи држава која ги користи сопствените потенцијали. Држава која ја зајакнува домашната економија, го штити сопственото производство, создава услови за конкурентно земјоделство, инвестира во човечкиот капитал и ја намалува зависноста од надворешни фактори.
Токму затоа оценивме дека во оваа фаза од развојот на Владата, ЗНАМ треба да преземе уште поголема одговорност во секторите кои директно влијаат врз економскиот развој и животниот стандард на граѓаните.
По сеопфатна анализа и консултации во рамките на партијата како и со нашите коалициски партнери, денес Извршниот одбор едногласно одлучи Министерството за јавна администрација и понатаму да остане предводено од Горан Минчев, кој во изминатите две години покажа дека реформите можат да се реализираат со знаење, визија и политичка одговорност.
Истовремено, Движењето ЗНАМ ќе го преземе раководењето со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За министер го предлагаме Борче Серафимовски“, соопшти претседателот на ЗНАМ, Димитриевски.
„Станува збор за човек кој ги обединува академското знаење, менаџерското искуство и практичното познавање на системот. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис менаџер и дипломиран дефендолог, а во изминатите две години успешно ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Она што за нас беше пресудно не се само неговите академски квалификации, туку фактот што доаѓа како човек кој веќе го познава системот, ги познава потребите на македонските земјоделци, ги разбира предизвиците со кои се соочува агросекторот и има капацитет веднаш да продолжи со реализација на започнатите политики.
Уверен сум дека ќе ја оправда довербата што му ја даваме денес, исто како што тоа го направија и нашите досегашни министри.
Во согласност со коалицискиот договор, во септември ЗНАМ ќе преземе дополнителна одговорност со именување заменик-министер во едно од највлијателните министерства во Владата.
Дозволете ми во оваа прилика да упатам искрена благодарност до Игор Филков за сè што направи како министер за правда.
Зад него останува сериозен реформски капитал, 33 подготвени законски решенија, од кои 13 се директно поврзани со реформската агенда и четири од нив се усвоени и изгласани во Собранието на Република Македонија (Закон за судска служба, Закон за јавно обвинителска служба, Закон за судски совет, Закон за совет на јавни обвинители), а истите се изработени преку процес во кој беа вклучени повеќе од 300 експерти во рамки на 24 работни групи.
Тоа не е успех на еден човек или на една партија. Тоа е успех на државата. Му благодарам за професионалноста, интегритетот и посветеноста и уверен сум дека неговото знаење и искуство ќе продолжат да бидат значаен дел од политиките што ги креира Движењето ЗНАМ“, рече Димитриевски.
„Одлуките што денес ги донесовме не претставуваат обична кадровска реконструкција. Тие се резултат на политичко созревање, на стекнато искуство и на довербата што ја изградивме преку работа. ЗНАМ денес има поголема институционална одговорност отколку пред две години.
Но, со секоја нова одговорност расте и нашата обврска кон државата и кон граѓаните.
Ние немаме намера да ја мериме нашата успешност според бројот на функции што ги извршуваме.
Нашето мерило ќе остане исто како и до сега, водено од тоа колку институциите се поефикасни, колку реформите се подлабоки и колку граѓаните чувствуваат подобар квалитет на живот.
Затоа ќе продолжиме да бидеме конструктивен, стабилен и принципиелен партнер во Владата. Ќе продолжиме да ги реализираме политиките што им ги ветивме на граѓаните. И ќе продолжиме да докажуваме дека државотворноста не е политички слоган, туку секојдневна обврска. Тоа е суштината на ЗНАМ. Тоа е нашата одговорност.
И тоа е патот по кој ќе продолжиме да ја градиме Македонија“, нагласи претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски на денешната прес конференција.
Интегрално соопштение

