Откако во мај повторно се искачи на врвот на македонската атлетика со освојувањето на Сениорскиот куп, Атлетскиот клуб Куманово продолжува со одлични резултати и во поединечните натпреварувања.
Младите атлетичари на клубот зад себе имаат успешна сезона исполнета со титули, лични рекорди и настапи кои ги доближуваат до националните рекорди во своите дисциплини.

На Сениорскиот куп, одржан на Градскиот стадион „Филип Втори“ во Скопје, АК Куманово убедливо го освои првото место во генералниот пласман со 1.030 поени.
Со тоа клубот ја продолжи низата од 12 последователни сезони на пиедесталот и остана единствениот клуб во државата кој во последните шест години континуирано има и машка и женска екипа меѓу трите најдобри.
Еден од најистакнатите натпреварувачи сезонава е Ведран Николовски, кој настапуваше во повеќе дисциплини, а најголем впечаток остави на трката на 400 метри со пречки.
– Најистакнати резултати што ги имав се на трката 400 метри со пречки каде што бев многу блиску за уривање на државниот рекорд под 20 и под 18 години. Иако оваа година ми е прва година како под 18 години учествувач, имам и задоволителни резултати од претходните дисциплини скок на далечина и трискок. На далечина имам скокнато шест метри а на трискок 12,41. Многу сум задоволен од моите успеси досега, но се надевам дека во наредните натпревари можеме уште подобро, изјави Николовски.
Летово, вели, ќе се посвети на „повеќе тренинг, повеќе дисциплина и повеќе самодоверба“ со цел да оствари уште подобри резултати.
14-годишната Јана Анастасовска веќе се натпреварува и победува во значително повозрасни категории.
Таа истакнува дека сезонава остварила одлични резултати во дисциплините со пречки и во скокачките дисциплини.
– Иако имам само 14 години, јас сепак имам победено во трката на 400 метри со пречки во категоријата под 20 години“, вели Анастасовска, додавајќи дека и во двете дисциплини е „многу блиску до националните рекорди под 16 години“.

Успешна сезона зад себе има и Михаил Стошевски, кој доминира во дисциплината 110 метри со пречки.
– Моментално пробувам да остварам нов национален рекорд на истата дисциплина за под 20 години. Во оваа сезона имаше малку некои послаби повреди, но се на се успешна сезона за мене, но и за нашиот клуб. Ова сезона успеавме да после неколку години да го освоиме Сениорскиот куп, тоа е најголемиот и најважниот натпревар во текот на целата година, додаде Стошевски.

Тренерот Филип Колевски вели дека целта уште од почетокот била освојување на Сениорскиот куп, а резултатите покажале дека клубот и годинава е најквалитетен во државата.
Она што ме радува е што иако помалубројна екипа, поради квалитетот на секој од овие поединци успеавме да се носиме со сите други клубови, истакна Колевски.

Според него, клубот веќе неколку години е во самиот врв во сите возрасни категории, а до крајот на сезоната остануваат уште неколку натпревари кои ќе го потврдат генералниот пласман.
– Сезоната беше исполнета со многу натпревари, атлетски митинзи и државни првенства под 14, под 16 и под 18 години, под дваесет години. Имаме секоја категорија убедливо најмногу да кажам први места и останува уште поединечно првенство што ќе биде сега, и во натпреварите во септември, додаде Колевски.
Тренерот најавува дека следната цел е уште поголем број атлетичари да обезбедат настап за македонската репрезентација и на Балканските првенства.

Тој посочи и дека Јана Анастасовска, и покрај тоа што веќе победува во повозрасни категории, поради возраста сè уште нема право на настап за репрезентацијата, па клубот во наредниот период ќе биде фокусиран на подобрување на нејзините резултати и напад на државните рекорди.
Со генерација млади и талентирани атлетичари кои веќе освојуваат медали во повозрасни конкуренции, АК Куманово продолжува да ја потврдува својата репутација како еден од најуспешните и најорганизираните атлетски клубови во Македонија.
Никола Ивановски

