Куманово викендов беше домаќин на четири значајни меѓународни културни и спортски настани кои привлекоа илјадници посетители, учесници и гости од земјата и регионот.
На спортскиот аеродром Аџи Тепе се одржа традиционалниот Мото рок фестивал во организација на Мото клуб „Мечки“.

Во рамки на дводневната програма настапија повеќе музички бендови, а фестивалот го посетија над 10.000 посетители од Куманово, Македонија и соседните држави.
Балетското студио „Денс студио Ултра“ од Куманово во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ го реализираше концертот и танцовиот перформанс „Primitive Science“.

Пред преполната сала беа изведени повеќе кореографии како дел од богатата и разновидна програма.

Во спортската сала во Куманово, Карате клубот „Башкими 2002“ го организираше првиот Меѓународен карате турнир.

На натпреварувањето учествуваа бројни клубови и каратисти од сите возрасни категории од Македонија и земјите од регионот.

Љубителите на спортот имаа можност да го проследат и Шестиот меѓународен боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“, кој се одржа на градскиот плоштад.

На турнирот настапија боксери од 13 држави – Македонија, Србија, Словенија, Албанија, Бугарија, Турција, Унгарија, Романија, Молдавија, Италија, Германија, Белгија и Казахстан.
Настанот привлече бројна публика и создаде атмосфера што потсети на богатата боксерска традиција на Куманово.

Од Општина Куманово истакнуваат дека успешната реализација на овие манифестации уште еднаш ја потврдува улогата на градот како значаен регионален центар за културни и спортски настани, кои придонесуваат за промоција на градот, развој на спортот и културата и зајакнување на меѓународната соработка.

Настаните се реализирани во рамки на годишната програма за култура и спорт на Општина Куманово, со финансиска поддршка од Општината, Општинскиот сојуз на спортови, Министерството за култура и Министерството за спорт.
Никола Ивановски

