Изложбата „Водени записи“ утревечер во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Салонот на Уметничката галерија во Куманово утревечер со почеток во 20 часот ќе биде отворена заедничката ликовна изложба „Водени записи“ на академската уметница Марина Цветановска Мартиновска од Куманово и визуелната уметница Ивана Ожетски од Хрватска.

Станува збор за мултимедијален проект кој, покрај изложбата на ликовни дела, вклучува и музичка изведба на пијанистката Билјана Петровска.

 

 

Пред посетителите ќе бидат претставени ѕидни и просторни инсталации, како и графики, во кои водата е поставена како доминантен мотив.

Преку своите дела авторките отвораат теми поврзани со еколошката свест, климатските промени, загадувањето и прекумерното влијание на човекот врз природата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Деца од 3 до 17 години ја оживеаја приказната „Зајакот и желката“ во МКЦ „Козјак“ (ВИДЕО)

 

 

Според организаторите, изложбата нуди автентичен ликовен израз што ги обединува естетиката, симболиката и просторната интеракција со критичка димензија, поттикнувајќи размислување за односот на човекот кон природната средина.

Куратор на изложбата е кустос-советникот и историчар на уметноста Драгана Спасковска.

 

 

Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам, а изложбата ќе биде отворена за посетители до 24 јуни 2026 година.

Во рамките на меѓународната соработка, изложбата „Водени записи“ во октомври годинава ќе биде претставена и во Сплит, Хрватска.

Никола Ивановски