Државата Флорида стана првата американска држава што го тужи OpenAI за аспектите на дизајнот и безбедноста на нејзиниот систем за чет-ботови со вештачка интелигенција ChatGPT.
Во тужбата, поднесена од државниот обвинител на Флорида, Џејмс Утмаер, се тврди дека OpenAI и неговиот извршен директор Сем Алтман ги загрозуваат децата, создаваат зависност од технологијата, помагаат и поттикнуваат масовни убијци и ги охрабруваат корисниците да извршат самоубиство во потрагата по профит на компанијата.
Како одговор на тужбата, OpenAI соопшти дека воспоставил водечки заштитни мерки и политики во индустријата.
Тужбата доаѓа во време кога Флорида спроведува и кривична истрага за тоа дали ChatGPT имал каква било улога во убиството на две лица за време на масовното пукање на Државниот универзитет во Флорида минатата година.
Граѓанската тужба, исто така, бара Сем Алтман лично да биде одговорен за наводно „небрежно и намерно однесување“, вклучително и, како што се вели, „целосно непочитување на ризикот по човечкиот живот што го претставуваат постапките на неговата компанија“.
OpenAI е обвинет за повеќекратни прекршоци, вклучувајќи измамнички и нефер деловни практики, небрежност, кршење на законите за одговорност за производи, лажно претставување и предизвикување јавна штета.
Во тужбата се споменува пукањето на Државниот универзитет во Флорида, како и убиството на двајца докторанти на Универзитетот во Јужна Флорида, каде што осомничениот наводно му поставил прашања на ChatGPT за начините за отстранување на човечки тела, според обвинителите.
– Сем Алтман и ChatGPT ја избраа трката во развојот на вештачката интелигенција пред безбедноста на нашите деца. Тие го избраа профитот пред јавната безбедност и ние нема да го толерираме тоа во Флорида. Ќе ги повикаме на одговорност – рече Утмаер на прес-конференцијата.
Во изјава за BBC, OpenAI изјави дека загубата на дете е најтешката трагедија што може да ја доживее едно семејство и дека се свесни дека „ниту еден збор не може да ја ублажи таквата болка“.
Компанијата додаде дека вештачката интелигенција претставува нова и моќна технологија и дека малолетниците бараат посебна заштита, поради што се воведени заштитни мерки како што е систем за проценка на возраста на корисниците и алатки што им овозможуваат на родителите да ја следат употребата на вештачката интелигенција.
– Свесни сме дека овие мерки не можат да го вратат изгубениот живот, но остануваме посветени на тоа да го направиме овој систем што е можно побезбеден – изјави портпаролот на OpenAI.
Тужбата доаѓа во време кога OpenAI се соочува со голем број други тужби кои ги оспоруваат неговите безбедносни практики.
Меѓу нив се и тужби во кои се тврди дека ChatGPT дејствувал како „советник за самоубиство“ или охрабрувал штетни заблуди кај индивидуалните корисници.
Семејствата на некои од жртвите од масовното пукање во Тамблер Риџ во Канада, исто така, поднесоа тужба против OpenAI.
Потоа компанијата ја затвори сметката на ChatGPT на осомничениот поради загрижувачка активност, но не ја извести полицијата.
OpenAI подоцна изрази жалење што не ги контактирала властите, но изјави дека активностите на корисникот не го достигнале прагот што би укажувал на веродостојна или непосредна закана од сериозно физичко насилство.
Други големи технолошки компании, исто така, се соочуваат со правни предизвици.
Порано оваа година, таткото на еден човек од Флорида го тужеше Google, тврдејќи дека нивниот водечки производ со вештачка интелигенција придонел за заблудите што доведоа до самоубиството на неговиот син.
Во исто време, компаниите за социјални медиуми, вклучувајќи ги Meta Platforms, Snap, TikTok и YouTube, се соочуваат со низа тужби од федерални држави, училишни окрузи и поединци кои тврдат дека нивните производи се намерно дизајнирани да предизвикаат зависност.
Во март, „Мета“ и „Гугл“ беа прогласени за одговорни за штетата што ја претрпел 20-годишен тужител кој тврдел дека нивните платформи се намерно дизајнирани да предизвикуваат зависност.
Таа пресуда означи значајна пресвртница во правната пракса.
Технолошките компании со години тврдат дека не можат да бидат одговорни за содржина генерирана од корисници, но случаите засновани на одговорност за дизајнот на производот добиваат на популарност.
Утмаер и гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, двајцата републиканци, честопати се судрија со компаниите за вештачка интелигенција кои имаат значителна поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп.
Флорида, исто така, се спротивстави на напорите на администрацијата на Трамп да ја ограничи можноста на федералните држави да ја регулираат вештачката интелигенција и неодамна предложи „Повелба за права на вештачката интелигенција“, со цел зајакнување на заштитата на приватноста на податоците и заштита на граѓаните од можните негативни економски последици од развојот на центри за податоци, објавува Би-Би-Си.

