Реконструкцијата продолжува, ќе се отстранува асфалтот од цела „Моша Пијаде“

Сподели со своите пријатели

Реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово продолжува со нова фаза од градежните активности, поради што во наредниот период ќе има отежнат сообраќај и ограничен пристап за возила.

Од Општина Куманово информираат дека во следната фаза ќе се врши отстранување на постојната асфалтна конструкција и ивичниците по целата ширина и речиси по целата должина на улицата, во рамки на проектот за изградба на атмосферска канализација и реконструкција на сообраќајницата.

Поради изведувањето на работите, пристапот за возила ќе биде отежнат сè до создавање услови за повторно нормализирање на сообраќајот.

Од Општината посочуваат дека ваквата постапка е неопходна за безбедно движење на граѓаните и возилата, како и за непречено и безбедно изведување на градежните зафати.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Со народна веселба во Скачковце одбележана манастирската слава Света Троица (ФОТО)

Воедно, се апелира до граѓаните да не ги паркираат своите возила во непосредна близина на местата каде што активно се изведуваат градежни работи.

Асфлатната подлога од улицата веќе е отстранета на потегот од „Пијано Престиж“ до крајот на „Моша Пијаде“, каде веќе е извршена замена на канализацијата, а моментално се поставуваат рабници за тротоари.

Истиот процес сега ќе биде изведен и на другиот дел кој води кон центарот на градот.

Проектот за изградба на атмосферска канализација и реконструкција на улицата „Моша Пијаде“ се реализира со средства обезбедени од Светската банка преку Министерството за транспорт на Македонија.

Никола Ивановски