Владата на вчерашната седница донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 15 јуни.
Истовремено, како резултат на разговорите со најголемиот домашен снабдувач на нафтени деривати, компанијата OKTA, обезбеден е и дополнителен попуст од два денари по литар гориво, кој ќе почне да се применува од денеска, 1 јуни.
Според пресметките на Владата, со овие мерки цената на дизел горивото се очекува да се намали за 6,5 денари по литар, додека бензините би требало да поевтинат за 1,5 денар по литар.
Од Владата посочуваат дека мерките претставуваат директна поддршка за граѓаните, транспортниот сектор, земјоделците и стопанството.
Намалувањето на цените на горивата, според надлежните, ќе придонесе за намалување на трошоците за живот и работење, како и за одржување на ценовната стабилност во услови на глобални економски предизвици.
„Владата останува посветена на политики што носат реални придобивки за граѓаните и ќе продолжи активно да презема мерки за заштита на животниот стандард и зајакнување на економската сигурност“, се наведува во соопштението.

