Кик-боксерите од КБК Куманово ќе настапат на Балканското првенство (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Кик-боксерскиот клуб „Куманово 2006“ со двајца свои натпреварувачи ќе учествува на Балканското првенство во кик-бокс, кое од 29 до 31 мај ќе се одржи во Нови Сад, Србија, во организација на Светската кик-бокс федерација WAKO.

Како дел од репрезентацијата на Македонија, на престижниот собир на најдобрите кик-боксери од Балканот ќе настапат Дамјан Блажевски и Кристијан Томевски во ринг-дисциплината лоу-кик.

Двајцата репрезентативци го обезбедија своето учество благодарение на одличните резултати остварени на државни првенства и европски купови.

 

 

Заедно со тренерот Сашо Илиевски и кик-бокс федерацијата Дејан Митровски – Урко, тие ќе бидат дел од македонската репрезентација составена од натпреварувачи од повеќе клубови и градови.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Петковска: Вештачката интелигенција ја потиснува природната интелигенција кај младите (ВИДЕО)

– Се подготвувавме интензивно и очекуваме добри резултати и квалитетни борби со кои достоинствено ќе ги претставиме Куманово и Македонија. Иако патуваме како репрезентација, трошоците се на товар на клубовите поради игнорантскиот однос на Министерството за спорт, кое немаше слух да ги покрие. Сепак, ќе се бориме храбро и достојно, а тоа нека биде нивен срам. Наместо да ги стимулираме и мотивираме идните репрезентативци, едвај обезбедивме средства за покривање на трошоците. Благодарност до Општинскиот сојуз на спортови Куманово и компанијата „Бучен Козјак“ за поддршката – изјави тренерот и професор по физичка култура на КБК „Куманово 2006“, Сашо Илиевски.

Тој додаде дека недоволната поддршка за младите спортисти е сериозен проблем и дека институциите треба повеќе да вложуваат во спортот и младите генерации.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Загина 13-годишно дете од Куманово при судир на тротинет и „мерцедес“

Балканското првенство во Нови Сад ќе собере голем број врвни натпреварувачи од регионот, а македонските претставници ќе имаат можност да ги одмерат силите со најдобрите кик-боксери од Балканот.

Никола Ивановски